Skip to main content

Јавна реакција на професорот Јове Кекеновски на изјавата на членката на Судскиот совет Сузана Јошевска Анастасовска

Универзитетскиот професор д-р Јове Кекеновски испрати јавна реакција на изјавата на членката на Судскиот совет Сузана Јошевска Анастасовска, која во јавна фејсбук-објава тврди дека судија на претходна постапка „НЕ СМЕЕ“ да изрече притвор ако обвинителот предложил куќен притвор, додавајќи дека „нема потреба од итна седница на Судски совет за да се расправа основно правило во кривична постапка“.

Доколку ваквиот став се темели на член 144 став (2) од ЗКП, тогаш станува збор за погрешно толкување на начелото на пропорционалност и редукција на основни процесни принципи. Имено, одредбата од законот гласи: „При одлучувањето која од наведените мерки ќе ја примени, надлежниот орган ќе се придржува кон условите определени за примена на одделни мерки, водејќи сметка да не се применува потешка мерка ако истата цел може да се постигне со поблага мерка. Судот спрема обвинетиот истовремено може да определи повеќе мерки од ставот (1) на овој член, освен кога ќе ја определи мерката притвор.“

Оваа одредба не воспоставува забрана за определување притвор ако обвинителот предложил куќен притвор, туку обврска за внимателна проценка дали поблагата мерка ја постигнува истата цел. Клучниот елемент е „ако истата цел може да се постигне“, што претставува прашање на конкретна судска оценка врз основа на утврдени околности, а не автоматска врзаност со предлогот на обвинителот.
Во конкретниот случај, за Артан Груби претходно беше определен притвор од 30 дена и распишана меѓународна потерница поради недостапност. Тоа значи дека судот веќе утврдил ризик од бегство како законски основ за притвор (декември 2024 година). По завчерашното приведување, таа мерка требало да започне да се извршува, освен ако не се утврдени нови околности што убедливо го елиминираат тој ризик. Доколку обвинителството сметало дека се изменети околностите, можело да предложи (или пак предложило иако за тоа немам инфо) замена на претходно изречената мерка, но судот повторно е должен самостојно да ја оцени исполнетоста на законските основи и тоа да го образложи.

Игнорирањето на овој процесен контекст ја прави тезата за „неможност“ (судија на претходна постапка „НЕ СМЕЕ“ да изрече притвор ако обвинителот предложил куќен притвор) правно неодржлива. Апсолутната формулација „НЕ СМЕЕ“ нема експлицитна законска поткрепа.

Кога ваква поедноставена и неточна правна интерпретација се изнесува од член на Судскиот совет (орган што ја гарантира независноста и стручноста на судството) тоа не е само прашање на институционална воздржаност, туку и на лична одговорност за јавно изнесен правен став што создава погрешна перцепција за основни правила на кривичната постапка, вели во реакцијата проф. д-р Кекеновски.

Поврзани вести