Skip to main content

Јаневска во Тетово: Учениците од РЦСОО „Моша Пијаде“ се враќаат на настава со физичко присуство во јануари

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска го посети Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово, каде информираше дека второто полугодие учениците го продолжуваат со настава со физичко присуство. Училиштето беше целосно затворено поради големиот зафат за темелна реконструкција кој започна во јуни годинава. Најголемиот објект е веќе обновен и децата ќе можат да продолжат тука да се образуваат, а во меѓувреме се интензивираат активностите за обнова и на останатите објекти на училиштето.

Второто полугодие од учебната година, децата ќе го започнат со настава во училница. Тоа е особено важно за нив, бидејќи одбрале средно стручно образование, кое бара и повеќе пракса, обука и работа на машини и тие едноставно мора да бидат присутни во училиштето, но и во компаниите со кои училиштето соработува во рамки на дуалното образование, а каде исто така се одвива дел од практичната настава“, рече Јаневска.

Реконструкцијата на регионалниот центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во Тетово опфаќа четири објекти. Во реконструираниот најголем објект, второто полугодие со физичко присуство ќе го почнат околу 400 ученици од прва, трета и четврта година. Планирано е следните години бројот на ученици да се зголемува и да надмине 1200.

На учениците и наставниците министерката им посака успешно продолжување на учебната година и информираше дека целосната реконструкција ќе се заокружи до крајот на следата календарска година. За обновувањето на училипштето, предвидено е да бидат вложени околу 240 милиони денари, средства обезбедени од Европската Унија.

Јаневска рече дека ова е еден од петте досега формирани регионални центри за стручно образование и обука во земјава, кои имаат улога да обезбедуваат кадар за потребите на бизнис заедницата, да го развиваат и промовираат стручното образование. Кажа и дека за две други училишта веќе се донесени одлуки за трансформирање во вакви установи.

Поврзани вести