Skip to main content

Итен надзор во приватните клиники по тврдењата на д-р Кедев за непотребни операции

Sasin Tipchai from Pixabay

Министерството за здравство ќе спроведе итни и вонредни надзори за проверка на тврдењата на проф. д-р Сашко Кедев споделени во јавноста за можни непотребни медицински кардиолошки интервенци во приватни клиники, а со цел да се оствари профит.

Дополнително, како што се посочува во соопштението, министерот за здравство Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот „Мој термин“, за да се добие јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства.

„Во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена. Почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите. Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење – тоа е дел од добрата медицинска практика. Оваа тема бара трезвен пристап и почит кон фактите, а безбедноста на пациентите, медицинската етика и медицината заснована на докази се основните принципи врз кои се заснова пристапот на здравствениот систем“, соопшти Министерството за здравство.

Здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без поистоветување на поединечни случаи со целиот систем, се додава во соопштението.

„Секако дека секој има право на свое мислење, а посебно ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави кои водат до генерализации и сензационализам“, соопшти Министерството за здравство.

Кардиологот Сашко Кедев во гостување на Канал 77 рече дека во приватни болници се вршат непотребни операции.

„Најголем дел од мојата консултативна активност е во одвраќање луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции, кои што се профит ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или во Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, кое што треба релевантните институции да преземат нешто, пред сè Министерството за здравство и Фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит“, рече Кедев.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ денеска реагираше дека во 25-годишното постоење никогаш не извршила хируршка интервенција без јасна медицинска индикација. Од болницата ја осудија изјавата на д-р Кедев и побараа тој да се изјасни за која приватна болница се однесува неговата изјава, а во спротивно најавија тужба поради клевета и нарушување на угледот.

Поврзани вести