
Професор доктор Зијад Маси, познат нефролог кој работи во болницата Амброаз Паре во Париз е избран за академик, поточно член на Националната академија за медицина. Овој избор за академик на проф.Маси е признание за истакнатите истражувања и иновации во интерес на пациентите низ целиот нивен пат на лекување.
По овој избор во Француската академија за медицина проф. Маси активно ќе учествува како во активностите на Академијата во Франција така и на меѓународно ниво преку соработка во рамките на различни комисии и работни групи. Специјалност на проф.Маси се бубрежни заболувања и рено-васкуларни интеракции, како и компликациите поврзани со хронични бубрежни заболувања како што се когнитивните нарушувања и уремичните токсини.

Во април минатата година проф. Маси беше во посета на Македонија во рамки на универзитетска соработка. Тој беше гостин на повеќемина доктори меѓу кои урологот д-р Огнен Ивановски и нефрологот д-р Игор Николов. Во таа прилика Маси рече:
Нашата соработка со македонските колеги во областа на нефрологијата почна пред 40 години, преку соработка со професорот Нинослав Ивановски и академик Живко Попов, потоа продолжи со помладата генерација, со д-р Огнен Ивановски, кој е сега професор по урологија, и со професорот по нефрологија Игор Николов“.
Докторите Николов и Ивановски своите докторати ги работеа во Париз на Универзитетот Пјер и Марија Кири кој што котира помеѓу првите 40 универзитети на Шангајската листа на универзитети. Денес соработката продолжува и понатаму во вид на заеднички македонско-француски научни проекти. Во оваа 2025 година еден млад колега од универзитетската Клиниката за нефрологија во Скопје ќе биде на научен престој од повеќе месеци во Болницата Некер која е една од најдобрите болници во Париз и во Франција. Преносот на експертизата и на знаењето треба да ни биде приоритет на сите со цел да го доближиме знањето и експертизата како до помладите колеги така и до пациентите.