
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој од 17 до 19 јуни престојува во официјална посета на Република Азербејџан, денеска имаше средба со неговата домаќинка – претседателката на азербејџанското Национално собрание, Сахиба Гафарова.
Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, во делегацијата, која беше пречекана со високи почести, се и пратеникот Петар Марков, кој е претседател на Пратеничката група за соработка со Азербејџан, пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Гаши ѝ се заблагодари на Гафарова за гостопримството и оцени дека ова е можност заеднички да ги постават основите за продлабочување на натамошната соработка помеѓу двата парламенти, но и помеѓу двете држави.
Тој изрази задоволство што официјалната посета се реализира во годината кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и додаде дека независно од тоа што Македонија и Азербејџан потекнуваат од различни региони, постојат можности за унапредување на меѓусебната соработка во сите области, а особено во делот на енергетиката, економијата и туризмот.
Гаши е прв претседател на македонското Собрание кој е во официјална посета на Националното собрание на Азербејџан. Тој истакна дека на овој начин, заедно со претседателката Гафарова, отвораат ново поглавје во односите меѓу двата парламента.
Гафарова нагласи дека покрај заедничката заложба за продлабочување на соработката на парламентарно ниво, потребно е заеднички да се вложат за унапредување на соработката и на мултилатерално ниво, преку повеќето парламентарни организации, на кои парламентите на двете држави се членки.
Во однос на парламентарната соработка, двајцата соговорници ја истакнаа важноста на соработката меѓу групите за соработка, преку споделување искуства од парламентарното работење и примена на ефикасни искуства од различни области. Заеднички беше заклучокот дека ќе ги мотивираат групите за соработка меѓу двете држави да ја зајакнат и интензивираат меѓусебната комуникација, но исто така оценија дека треба да поттикнат и соработка помеѓу парламентарните комисии.
Гаши се потпиша и во Книгата на честа во Националното собрание на Азербејџан, каде порача дека преку парламентарната дипломатија треба да се градат мостови на пријателства.
Делегацијата имаше можност и да го разгледа Националното собрание на Азербејџан и да се запознае со структурата и работата на законодавниот дом, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.