
Словенија останува силен поддржувач на Македонија на нејзиниот евроинтеграциски пат, истакна на денешната заедничка прес-конференција претседателката на Државниот збор на Република Словенија Уршка Клакочар Зупанчиќ по средбата со претседателот на македонското Собрание Африм Гаши.
Клакочар Зупанчиќ нагласи дека на средбата со претседателот Гаши ги потврдиле одличните односи помеѓу нашите држави кои ги бележи пред се пријателство и взаемна солидарност.
Државите се многу блиски партнери, а соработката базирана на заеднички вредности и заедничко партнерство. Словенија беше и останува силен поддржувач на Македонија на нејзиниот евроатлански пат и ги поттикнува иницијативите за остварување на соодветно економско подрачје, една соодветна праведна законодавна рамка, бидејќи тоа се два клучни елементи на нашата соработка. Убедена сум дека тоа ќе биде сега истакнато на нашите средби во рамки на програмата на оваа посета. Верувам дека ќе најдеме дополнителни можности за продлабочување на соработката меѓу државите, рече Клакочар Зупанчиќ.
Претседателката на Државниот збор на Република Словенија потенцира дека е поборник на се поголемото значење на парламентарната демократија и убедена е дека редовните средби меѓу парламентите ги поттикнуваат и ги развиваат односите.
Гаши изрази благодарност до Словенија, која, како што рече, е непоколеблив поддржувач на нашите аспирации за интеграција во ЕУ.
Политичкиот придонес (како процесот Брдо-Бриони и „нон-пејперот“ од 2023 година), како и техничката поддршка на Словенија во зајакнувањето на административните капацитети за усогласување на нашето законодавство со тоа на ЕУ, ја потврдија успешната соработката меѓу нашите институции и искрената подготвеност на Словенија за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, рече Гаши посочувајќи дека овој момент претставува важен чекор во зајакнувањето на нашите меѓупарламентарни врски и продлабочувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји.
И Гаши потенцира дека на средбата биле потврдени билатералните односи меѓу Македонија и Словенија кои, како што рече, отсекогаш биле силни, карактеризирани со искрено пријателство, повеќедимензионална соработка, безрезервна поддршка и континуирирана посветеност за зајакнување на врските меѓу нашите граѓани.