
Многу од објектите кои што легално се стекнале со лиценци за вршење на дејност, по добивањето на документот, престанувале да ги исполнуваат условите врз основа кои што ја добиле лиценцата, соопшто денеска на прес конференција во Владата, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој посочи дека Владата донела одлука да се направи контрола на сите издадени лиценци од страна на министерствата во рамки на Владата без разлика на што се однесуваат.
Како што појасни на прес-конференција во Владата на 13 правни лица одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија, на 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија, на две правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија, на шест правни лица одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија, на три правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија, на 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија, на две правни лица одземена му е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија, на едно правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија, а на 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови.
„Министерството во моментов спроведува контрола на сите лиценци издадени согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Законите за контрола не се јасни и не се исклучиви и затоа контролата сега се прави врз основа на политичка одлука, а по завршувањето на постапките ќе следат законски измени со кои ќе има обврска на секои шест месеци да се врши контрола на се што е издадено од страна на институциите“, рече Николоски.
Тој очекува до вторник да се заврши целосно постапката, а паралелно се спроведувата и контроли кај патниот превоз.
Воедно, Николоски најави и законски измени кои ќе придонесат за подобрување на состојбите во процесот на лиценцирањето.