Два отсто. Толку изнесува довербата во правосудството во Македонија. Два отсто е и македонската верзија на оние 1% посто кои живеат како богови и го вртат светот. Два, зошто тука се толку накотени, што ниеден процент не им ги задоволува страстите.
Во двата случаи, два отсто важи за оваа Личност на неделата:
Дрин Ахмети
Обвинителството неодамна се откажа од кривично гонење на внукот на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со пиротехничките средства што беа одземени во неговиот автомобил за време на полициска контрола на 30 декември 2023 година.
Утврдиле дека количината на пиротехниката не била доволно голема (види фото) за да се оправда кривична одговорност, а Министерството за внатрешни работи не поднело кривична пријава, туку само известување. За прекршокот – немање дозвола за превоз на пиротехнички средства – предвидена е глоба од 200 до 400 евра.
Но, петардите „за внуците“ не е она за што реално сите сакаме да биде гонет. Сакаме да видиме конкретни големи случаи за неговите големи криминалии помогнати од неговиот „голем“ чичко.
Али Ахмети ми е чичко и Бог да го благослови. Тој ми е мотивација. Ахмети ѝ помогна на оваа држава. Немаше да ја имаме Македонија денес ако го следевме Љубчо Георгиевски кој ќе ја поделеше државата, ќе рече во една прилика Дрин Ахмети.
Под притисок на јавноста, овој млад и надежен бизнисмен се повлече од бизнисот во трговскиот центар „Соравија“ во Скопје. Од неговата ДУИ се побунија дека така ги бркаме младите од земјата.
Од Обвинителството тврдат дека иако нема да се гони за петардите, се продолжува со истрага за другите случаи, вклучувајќи го и овој поврзан со акциите на „Соравија“. Се анализираат документи и се бара правна помош од САД за дополнително истражување.
Оваа истрага наскоро ќе наполни две години. Мало потсетување како почна:
Во меѓувреме, друг играч скокна да му помогне:
Сомнителното преземање на „Соравија“ не е единствениот случај за кој што треба да се испитува овој мултиталентиран бизнисмен.
МВР летово однесе кривична пријава против Дрин Ахмети, поради сомнежи за злоупотреба на концесијата за рудник кај Кичево.
Во период од 2016 година до 2023 година кривично пријавените постапиле спротивно на Закон за минерaлни суровини и договорот за концесија за експлоатација на локалитет во општина Зајас, склучен меѓу правното лице и владата, претставувана од страна на тогашниот министер за економија. Истите биле должни да плаќаат точно утврден годишен надоместок за користење на просторот кој бил доделен со концесија за експлоатација и надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина, и како потписници на сметка на правниот субјект исплатиле помалку концесиски надоместоци во вкупен износ од 1,6 милиони денари, при што предизвикале штета и на буџетот, соопштија од МВР.
Само неколку дена по оваа вест, од ВМРО-ДПМНЕ објавија дека неговата фирма „Еверест ЏД“ добивала милионски тендери, и тоа во време кога министер за економија е еден од нашите омилени Крешник Бектеши, висок ДУИ функционер.
Дополнително на овие бизниси, ВМРО-ДПМНЕ објави и дека друга фирма на Дрин, „Тор Индустриес“, основана 2020 година, заедно со уште една фирма од кланот Зајас, е вклучен во изградба на коридорот 8, а договорот кој го имаат двете фирми е 1.3 милиони евра за ископ и други градежни работи.
И покрај сè ова, она што го направи Дрин Личност на неделата е неговата новогодишна објава од Њујорк.
Како класичен два постотник, внукот на Али Ахмети се лоцира сам со фотографија на социјалната мрежа „Инстаграм“ дека е во Њујорк. Според информациите на „Телма“, од 24-ти декември до 3-ти јануари, младиот Ахмети споделувал слики дека е во Њујорк заедно со блиски лица, меѓу кои и неговиот брат Бесиан Ахмети.
Се фотографирал пред ресторан во група во Бруклин и пред културен центар во Менхетн. Во годишна објава на инстаграм, во која Дрин Ахмети вели „восхитувачка година помина, можеби следува уште подобра“ се ставени и фотографии со неговиот татко кој го посетил во Америка.
Има и американска фотографија со Ник Назар Мехмеди, гореспоменатиот финансиер на УЧК, кој му помогна околу „Соравија“.
Според информациите на „Телма“, Дрин Ахмети од Македонија заминал на крајот на јули.
Обвинителството веќе има прибрано документација која се вештачи во МВР, но се уште чека меѓународна правна помош од САД бидејќи милиони долари и евра се уплатени од Америка на скопската сметка на фирмата Тхор.
Јавноста, пак, додека гледа криминалци како се шетаат по бел свет, а и оној другиот кој не го гледа, а знае дека од далеку ни се курчи, уште не ја загубила целосно надежда. Два отсто се два отсто. Немој да останеме и без нив.