Skip to main content

ДЗР најде неправилности во системот за социјална помош: Државниот буџет отетен повеќе пати, неосновани исплати, документи во картонски кутии…

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди бројни слабости и неправилности во системот за остварување, исплата и контрола на правата за социјална заштита во Македонија. Државниот буџет на повеќе пати е оштетуван, а неосновано биле исплатени 236.000 евра за социјална помош, додека истовремено процесите се бавни и важна документација во Скопје се чува по ходници и канцеларии, во картонски кутии и во регистратори.

Објавената ревизија на усогласеност е на тема „Исплата на права на парична помош од социјална заштита“, а со неа е опфатен периодот од 2022 до јуни 2025 година, но, како што велат од ДЗР, одредени прашања, настани и анализи се опфатени и последователно до денот на известување од извршената ревизија.

„Анализата на правната рамка во социјалната заштита укажува на недоречености и повеќе неусогласености меѓу донесените подзаконски акти и барањата за остварување права во делот на документацијата што треба да се прибавува по службена должност, што создаваат административна недоследност и можност за различна примена во примена во пракса“, соопштија од ДЗР.

Поради слабости во системските контроли и размената на податоци по службена должност за 2024 година, ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено стекнале, односно земале пари за социјална помош и пензија.

„За тоа неосновано се исплатени 14.536.000 денари, односно околу 236.000 евра. Од нив, 10.763.000 денари на 190 корисници по основ на гарантирана минимална помош, 426.000 денари по основ на траен надоместок на 5 корисници и 3.347.000 денари по основ на правото на социјална сигурност на старите лица кај 40 корисници“, стои во извештајот на ДЗР.

Оттаму посочуваат и на недоволна контрола од центрите за социјална работа, нецелосна документација, доцнење во постапките, како и неефикасно следење на враќањето на неосновано исплатените средства. Ревизорите предупредуваат дека ваквите состојби создаваат ризик од нерационално трошење на јавните средства и ја намалуваат ефикасноста на системот за социјална заштита.

„Ревизорите утврдиле дека Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРСМ) не ја спроведуваат ефикасно законската обврска за изработка и следење на индивидуални планови за активација на невработените корисници на гарантирана минимална помош (ГМП). Плановите се изработуваат во многу мал обем, најчесто рачно наместо електронски, без функционална соработка, координатори и редовни средби меѓу институциите“, забележуваат од ДЗР.

Воедно, ревизорите утврдиле несоодветни услови за чување и заштита на документацијата во службите за парична помош на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје.