Skip to main content

Димитриевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе им даде поддршка на кандидатите за градоначалници на ЗНАМ во Куманово и Центар

Иако разговорите траат, извесно е дека уште во првиот изборен круг ВМРО-ДПМНЕ ќе им даде поддршка на кандидатите за градоначалници на ЗНАМ во Куманово и Општина Центар, рече лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски вчера во гостување на тв Сител.

Тој вели дека постапката за неговата повторна кандидатура за Куманово формално не е завршена, додека за Центар во игра се повеќе имиња, за кои течат анкети.

Димитриевски потврди дека еден од можните кандидати за Центар е актуелниот заменик-министер за енергетика Мирослав Лабудовиќ.

„Господинот Лабудовиќ е едно од имињата за кое во моментов правиме мерења, ќе почекаме да завршат истите и секако тоа да го договориме со нашиот владин партнер од кој очекуваме поддршка на нашиот кандидат во Центар и во останатите општини, бидејќи ќе следува реципроцитет и за Град Скопје и за останатите општини каде што ЗНАМ ќе нема кандидат, да ги повика своите поддржувачи да ги поддржат нашите партнери во коалицијата на централно ниво“, кажа Димитриевски.

На прашање дали очекува поддршка од ВРЕДИ во Куманово, рече дека има договор со ВМРО-ДПМНЕ, додека со ВРЕДИ нема разговарано, иако има простор за тоа.

Димитриевски посочи дека во игра се кандидати и за места каде актуелни градоначалници се од редовите на опозицијата, но и од власта.

Поврзани вести