Skip to main content

ДИК усвои упатства и заклучоци поврзани со локалните избори

Очекуваме изборите да поминат во најдобар ред. Државната изборна комисија и сите државни органи, согласно закон, навремено ги презема сите подготовки, уште месеци наназад, ги антиципираме сите наши обврски и ги предвидуваме сите предизвици со кои се соочуваме. Согласно Изборниот законик, ќе ги преземеме навреме сите изборни дејствија строго согласно со законот, ќе работиме транспарентно и јавно со отворени седници. 

Ова го истакна Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија (ДИК), која ја одржа 128 седница на која го усвои Календарот/Роковникот за сите дејствија на изборниот процес за Локалните избори 2025. 

ДИК на седницата усвои и други упатства и заклучоци поврзани со изборите. Го усвои Упатството за начинот на реализација на средства определени од ДИК за спроведување на изборите од страна на општинските изборни комисии. 

Ангелчо Ристов, член на ДИК, соопшти дека се предвидува трошење на буџетски средства по строго определени класификации – патни и дневни трошоци, комунални услуги, греење и комуникација, материјали и ситен инвентар и други расходи.

Вака предвидените трошоци, рече тој, се  специфицирани и по намени и треба строго да се почитуваат од општинските изборни комисии. 

До 13 септември до 24 часот е рокот до кога ќе може да се поднесуваат листите на кандидати на учесници на изборите до општинските изборни комисии.  Жрепката за редни броеви на гласачко ливче

Станува збор за трошоци наменети за патување, за поштенски услуги, за комуникација, за гориво, со утврден лимит од 30 отсто од вкупно предвидените финансиски средства на ниво на општинска изборна комисија, канцелариски матреријали исклучиво наменети за избори и други оперативни расходи потребни за нормално функционирање на ОИК. ОИК е должна да ги корости буџетските средства максимално рационално, ефикасно и ефективно пред се водејќи се од начелото за економичност при тошењето на буџетските средства, истакна Ристов. 

ДИК на седницата  усвои заклучок вон сила да се става Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик.

Како што рече претседателот на ДИК Борис Кондарко, тоа упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент  на потписи за предлагање листи на група избирачи. 

Во сила е член 60 кој го регулира правото на учество на избори, согласно законот и Уставот секој има и активно и пасивно избирачко право да избира и да биде избран. ДИК нема право да ускратува никому и не ускратува законско право за учество на избори. Овде не се работи за одлука на ДИК туку за примена на законот. Така што, сите – политички партии, коалиции, група избирачи согласно член 60 имаат право на учество на изборите, рече  Кондарко. 

На седницата беше усвоена Одлука за формирање помошни тела на ДИК за спроведување на изборите што, рече Кондарко, е стандардна одлука за сите избори поради зголемениот обем на работа на ДИК во три-четири месеци додека трае изборниот процес. 

Усвоена е и Одлука за утврдување трошоци за изборни активности на претстојните локални избори, како и образец за евидентирање користење службени моторни возила доставен од ДКСК и се однесува на возила со кои раполагаат институции основани од државата.

Членовите на ДИК го усвоија и барањето што ќе го достават до МВР за податоци за ажурирање на Избирачкиот список. Во рок од 48 часа МВР им ги доставува, а 15 дена потоа податоците од Избирачкиот список се ставаат на јавен увид од граѓаните.

Беше усвоено и Известувањето со појаснување до радиодифузерите, печатените и електронските медиуми односно интернет-порталите за регистрација и доставување ценовници за платено политичко рекламирање, за што рокот за регистрирање во ДИК ќе трае од утре до 12 август до 24 часот.  

ДИК усвои и задолженија до сите општински изборни комисии за почнување подготовки за спроведување на локалните избори со кои им укажува на сите нивни надлежности, како и Известување за  начинот на поднесување барања и роковите за пријавување на набљудувачите – домашни и странски, невладини организации и претставници на други земји и странски медиуми, меѓународни организации. Акредитации за набљудувачи може да се достават до ДИК од денеска заклучно со 9 октомври односно десет дена пред одржување на изборите. 

Поврзани вести