
Граничниот премин Стрезимир – Рестилица, на македонско-косовската граница, како и изминатите лета, деновиве ќе биде отворен за минување за граѓаните од двете земји. Преминот е лоциран во местото Луково Поле, на тромеѓето Македонија-Албанија-Косово, поточно на заедничката гранична линија помеѓу Македонија и Република Косово.
Веста за МИА ја потврди градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, со чие залагање, преминот, кој е на територијата на оваа општина, во летниот период е отворен за патници и возила од 2018 година.
-Точниот датум сè уште не е прецизиран, но ќе биде деновиве. Како и изминатите години, ќе функционира секој ден од 8 до 20 часот, а за преминување ќе важат истите правила како и на другите гранични премини, односно документ за идентификација, пасош или лична карта, додаде Куртовски.
Како привремен, овој премин официјално профункционира во август 2003 година и се користеше од март до октомври од 7 до 19 часот. Но, поради несоодветната патна инфраструктура, фреквенцијата беше минимална, по што беше целосно затворен.
По подолг период отворен беше во 2018, во истиот летен период, потоа и следната година, не се отвори во 2020 поради пандемијата. Последните четири години отворањето е редовно.
Од косовска страна изграден е нов асфалтен пат, додека од македонска најавено е отпочнување на изградба.
Општина Маврово Ростуше и општина Драгаш, каде триторијално припаѓа селото Рестилица, имаат добра соработка а од средината на минатиот месец потпишаа и меморандум за збратимување.
Куртовски и неговиот колега, градоначалникот на општина Драгаш, Беџет Џеладини, изразија убедување дека збратимувањето ќе биде уште еден поттик за подобра соработка во иднина.