Skip to main content

ЦУК: Ангажирани се сите ресурси за ставање под контрола на пожарот кај Палиград и Китка

Сите расположливи ресурси се ангажирани во гаснењето и ставањето под контрола на пожарот што беснее во реонот на Палиград и планината Китка, соопшти Центарот за управување со кризи.

Во интервенцијата се вклучени три авиони и два „Пинцгауер“ на Дирекцијата за заштита и спасување, еден хеликоптер на МВР, екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, како и припадници на Национални шуми.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, акцијата ја координира директно од терен. Екипите дејствуваат со засилен интензитет со цел локализирање и гаснење на пожарот и спречување на неговото понатамошно ширење.

Од ЦУК информираат дека во моментов нема опасност за селото Палиград, ниту за другите населени места во подрачјето на Каршијак.

Состојбата континуирано се следи, а сите екипи остануваат во целосна готовност за навремена реакција, со цел заштита на жителите и спречување на каква било потенцијална опасност.

Поврзани вести