Skip to main content

Цеков го напушти мнозинството: Ќе делува како независен и ќе поддржува решенија за граѓаните

Пратеникот на ЗНАМ, Миле Цеков, го напушти парламентарното мнозинство и во иднина ќе дејствува како независен пратеник.

Одлуката ја соопшти пред малку, истакнувајќи дека ќе ги поддржува сите решенија што се во интерес на граѓаните.

„Нема да бидам дел од мнозинството, но ќе го поддржам секое решение што ќе биде во интерес на граѓаните. Станав дел од политиката за да се борам против системските неправди и за промени, но промените не се случуваат. Не прифаќам да живеам во држава на корупција и криминал“, рече Цеков.

Тој подолго време не се согласуваше со раководството на ЗНАМ по повеќе прашања, вклучително и за уставните измени.

„Немам ништо против да гласам за уставните промени. Лично немам ништо против бугарскиот етникум да се внесе во Уставот – ние не губиме ништо од тоа. Исто така, имам забелешки кон одредена реторика и наратив кон нашите соседи и сметам дека тоа е погрешен пристап. Треба да се пристапи кон дијалог и разговор, затоа што тие ни се први соседи и соработници“, изјави неодамна Цеков.

По неговото заминување, пратеничката група на ЗНАМ ќе брои пет пратеници.

Поврзани вести