
Загрижува односот на политичката партија СДСМ, која денес организираше прес конференција за да изрази загриженост дека реконструкцијата на двата студентски дома во Скопје – „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ наместо во октомври, ќе заврши во декември годинава!, вели министерката за образование Весна Јаневска, потсетувајќи дека тоа е истата политичка партија која ја предводеше Владата во чие време се сменија дури четири министри за образование и ниту еден не успеа да ја започне реконструкцијата на студентските домови.
Тоа се истите тие кои ги иселија младите од Македонија, а деновиве се најгласни дека сакаат да направат нешто за нив. За 7 години бројот на ученици е намален за 17 илјади, а на студентите за 7 илјади, што е резултат на лоши политики не само во образованието, туку генерално политики поврзани со младите. Кузман и Стив ќе се реконструираат до крајот на годината и ќе можат да примат студенти во вториот семестар на академската 2025-2026. Го интензивиравме процесот кој, повторувам дури четири министри во времето на СДСМ не успеаја да го започнат! Младите да бидат спокојни. Лажните вести и политички конструкции не треба да ги демотивираат да продолжат да вложуваат во своето знаење, а Министерството за образование и наука ќе продолжи да ги поддржува и да го подобрува студентскиот стандард. За една година прифатив 10тина нивни барања, така што и во иднина мој приоритет ќе бидат нивните интереси, порача министерката.