Skip to main content

АВМУ изразува сериозна загриженост за континуираните етикетирања и јавни напади од страна на СДСМ кон медиуми и новинари

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за континуираните етикетирања и јавни напади од страна на политичката партија СДСМ, насочени кон одделни новинари и медиуми.

Агенцијата потсетува дека слободата на изразување, медиумскиот плурализам и уредувачката независност се темелни демократски вредности. Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите. Јавното дискредитирање или етикетирање на новинари и медиуми создава атмосфера на притисок, го поткопува јавниот дијалог и може директно да влијае врз безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите, се наведува во соопштението од АВМУ.

Порачуваат дека медиумите не смеат да бидат третирани како политички противници, ниту да бидат вовлекувани во партиски или политички конфронтации.

Напротив, тие треба да имаат можност непречено, слободно и без притисоци да ја извршуваат својата професионална улога, во интерес на јавноста и демократските процеси. Агенцијата ги повикува сите политички субјекти да се воздржат од реторика која придонесува за поларизација, притисок или дискредитација на медиумите и новинарите и да ја почитуваат нивната уставна и професионална улога во демократското општество, посочуваат од АВМУ.

Поврзани вести