
Кандидатот за градоначалник на општина Чашка, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Андоновски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека ќе работи одговорно и чесно за да општината има подобри патишта, водоснабдување, чисти и осветлени улици и реконструирани градинки за подобра просперитетна општина Чашка.
„Сите овие денови бевме меѓу вас — на вашите улици, во вашите домови, во секое маало и населено место, во секое село. Нашата цел е јасна: Чашка да живее подобро! Да има подобри патишта кои ќе ги поврзуваат селата, сигурно водоснабдување во секој дом, подобра канализација и уредена околина, чисти улици, осветлени населби, и услови кои ќе ги задржат младите тука, да создаваат, да работат и да градат иднина во своето место. Ќе се реконструира градинка во село Мелница, реконструкција на патот кон село Врановци, реконструкција на патишта во село Богомила и село Ореше, водоснабдување на жителите во село Лисиче, изградба на културен дом во општина Чашка итн“, рече Андоновски.

Кандидатот за градоначалник на општина Чашка истакна дека доаѓа нов почеток за општината, со конкретни дела и проекти кои ќе се реализираат и општина без поделби, без разлика на верска и национална определба.
„Градиме општина во која луѓето се сплотени, поддржани и еднакви. Општина во која нема поделби, туку рамо до рамо стоиме сите — земјоделци, работници, пензионери, млади, стоиме сите без разлика на верска и национална определба. Единството е нашата најголема сила! Кога сме обединети, ниту една пречка не е преголема. Кога сме заедно, секој проект е остварлив, секоја идеја станува реалност. Денес Чашка е на прагот на нова страница. Страница која ќе ја испишеме со работа, одговорност и љубов кон нашето место. Ние не ветуваме празни зборови — ние ветуваме дела. Ветуваме дека секое ветување ќе стане проект“, вели Андоновски.