
Пратеникот Арбр Адеми од ДУИ денеска на прес-конференција обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го насочи гневот на јавноста кон барање одговорност каде што ја нема, наместо кон вистинските одговорни за катастрофалната трагедија во Кочани.
„Оваа трагедија покрена сериозни прашања за безбедноста, контролата и институционалното функционирање. Јасно е кој владее со земјата во изминатата година и кој дозволил да се случи оваа катастрофа. Одговорност мора да има“, рече Адеми.
ДУИ тврди дека Министерството за економија во 2024 година не издало лиценца за ноќниот клуб „Пулс“, бидејќи објектот не ги исполнувал минималните технички услови. Според нив, ако имало фалсификуван документ, одговорноста лежи на поединци или групи надвор од институциите.
Адеми посочи дека во Кочани, со 31.602 жители, работат само два ноќни клуба, а надлежните од општината морале да знаат дека клубот функционира без соодветна дозвола. Тој ја префрли одговорноста кон градоначалникот на Кочани, како и кон МВР, обвинувајќи ги за недоволна контрола и дозволување на работата на нелегалниот објект.
„Во следните денови ќе излеземе со целосна документација и ќе поднесеме пријава до Јавното обвинителство за покренување кривична постапка против одговорните лица и институции, бидејќи оваа трагедија не смее да се повтори“, истакна ДУИ во своето соопштение.