Skip to main content

Во селото Гари отворена спомен-соба на копаничарот Петре Филиповски – Гарката

„Од твоето Гари до Света Гора! Ни остави наследство и тежок товар — да го чуваме наследството создадено од тебе, да не дозволиме да паднеш во заборав и некои други да те присвојат! Горди сме што сме твои.“

Овие реченици ги изговорија гарчани на свеченото отворање на спомен-собата на големиот македонски копаничар Петре Филиповски – Гарката, роден токму во Гари, од каде што тргнал да ги украсува црквите ширум Балканот.

За гарчани важи правилото: „Каде и да си, за Голема Богородица во Гари да си!“ Токму затоа, во предвечерјето на големиот христијански празник, неколкумина вљубеници во Гари, почитувајќи го аманетот на своите предци — татковци, дедовци и прадедовци — смогнаа сили да ја создадат спомен-собата посветена на големиот копаничар Гарката.

Собата изобилува со битови елементи — од мала масичка и троножни столчиња за седење до голем број предмети што некогаш биле дел од една куќа во Мијачијата.

На другиот крај од собата е поставен таканаречениот работен дел, во кој доминира импозантна слика на копаничарот, дело на академската сликарка Виолета Сиљан Македонска. Значаен детаљ е и тоа што гарчани се потрудиле да пронајдат и да постават копаничарска маса со две менгеми, стара повеќе од 100 години. Во две посебни витрини се сместени алатите што ги користеле копаничарите во својата работа, а поставена е и библиотека со стотина книги со теми од копаничарството, веронауката, македонскиот јазик и културата.

— Можеби најголемата вредност на Петре Гарката е тоа што тој никогаш не го заборавил својот корен. Од едно мало село, Гари, тргнал мајстор чии дела останале во најзначајните православни храмови и манастири. Неговата тајфа работела на иконостасот во манастирот „Свети Гаврил Лесновски“, на прочуениот иконостас во црквата „Свети Спас“ во Скопје и на делата во Призрен, а своето врвно монументално остварување го оставила во манастирот „Свети Јован Бигорски“ — рече пред присутните Стево Лазаревски, претседател на Месната заедница Гари.

Подготовката на спомен-собата за Петре Филиповски – Гарката траеше повеќе од една година. Во неа се вложени средства обезбедени преку донации, а свој придонес и помош дадоа и дебарско-кичевскиот владика г. Георгиј, со импозантна резба, свои авторски книги и совети, како и професорот Ратомир Гроздановски, кој подари свои авторски дела.

Книги донираа и Институтот за македонски јазик, издавачката куќа „Матица“ и МАНУ, од каде што гарчани добија несебична поддршка за реализацијата на целиот проект.

— Ја имавме идејата и моравме да ја реализираме. Мило ми е што, по повеќе од една година огромен труд, оставаме нешто за идните генерации, кои преку оваа спомен-соба ќе можат да научат нешто ново и поинакво од она што го нуди секојдневието. На нашите идни поколенија им останува да го негуваат споменот за големината и креативноста на Гарката, грижејќи се за оваа спомен-соба, која ќе биде отворена за секој добронамерник — изјави Горан Ристески, еден од иницијаторите за нејзиното создавање.

Спомен-собата посветена на великанот Петре Филиповски – Гарката е свечено отворена. Сега гарчани ги очекуваат Мајовци, кои со своите зурли и тапани ќе ја разбудат вековната традиција пред Голема Богородица — да се соберат среде село, да се видат, да помуабетат и да го развијат орото.

Поврзани вести