Skip to main content

Студенти на ФЛУ на теренска практична настава во археолошкиот локалитет Стоби

Факултет за ликовни уметности

Студенти од сите студиски програми на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои го следат наставниот предмет „Реставрација и Конзервација IV“, наставник: доцент м-р Марија Сотировска Богдановска, 3 и 4 мај 2025 година реализираа теренска практична настава во НУ археолошкиот локалитет Стоби – Градско.

Во активностите учествуваа девет студенти, под менторство на стручњакот од праксата, конзерваторот Томе Филов. Наставата беше фокусирана на ин ситу одржување и конзервација на антички мозаик, при што студентите стекнаа искуство во работа со културно наследство директно на терен.

Мозаикот кој беше предмет на практичната настава се наоѓа во нартексот на Епископската Базилика и датира од втората половина на V век. Студентите работеа на повеќе сегменти од теренскиот процес: документација на состојбата преку изработка на работни фотографии пред и за време на интервенцијата, отстранување на стари опшивки и пополнување на лакуни, консолидација на оштетени делови, како и нанесување нов малтер – процес во кој самите активно се вклучија, практично доживувајќи го начинот на подготовка и нанесување. Во завршната фаза се изведе и ретуш на дозволени површини, со посебно внимание на етичките принципи.

Оваа практична настава е делумно финансирана од програмата ИКССА 2024, што овозможи нејзина успешна реализација и дополнителна поддршка на едукативниот процес.

Ова искуство претставува значаен чекор во практичната обука на идните конзерватори, уметници и стручњаци за заштита на културното наследство, со што се зајакнува нивната професионална подготвеност и чувството за одговорност кон материјалното културно богатство.

Поврзани вести