Skip to main content

Стојаноска: Очекуваме салите да бидат подготвени и безбедни за новото издание на „Војдан Чернодрински“

МИА

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи во Прилеп. Оптимист сум дека ќе се оспособат салите во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и во Прилепскиот театар, вели за МИА уметничката директорка на Фестивалот Ана Стојаноска.

Пред околу еден месец Инспекторатот при Дирекцијата за заштита и спасување, поради повеќе безбедносни пропусти, ги забрани за приредби, манифестации и претстави салите во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и во Народниот театар „Војдан Чернодрински“.

Стојаноска ги отфрла шпекулациите за одржување на Фестивалот надвор од Прилеп. Вели дека Фестивалот, што е планирано да се одржи од 6 до 13 јуни, ќе се одвива во Прилеп, а покрај салите, секогаш се на располагање се и други алтернативни сцени во градот. 

– Подготовките се во тек, ја следиме ситуацијата и во комуникација сме со сите засегнати страни. Сцените ги изнајмуваме во Прилеп. Ја знаете мојата идеја, јас сакам Прилеп да биде град-театар, така што истражувам алтернативни сцени во градот. Ова го нагласувам, зашто слушам разни муабети во однос на тоа каде ќе се случува Фестивалот. Фестивалот ќе се одржи во Прилеп. Се надевам, како што сме научени да биде секоја година, да се средат работите со Центарот за култура „Марко Цепенков“, односно да се задоволат сите законски норми и пропишани барања на Инспекторатот, зашто мене како човек, а и како дел од Фестивалот, пред сѐ, ми се важни безбедноста и сигурноста на организаторите, учесниците и на публиката. Така што, во суштина сметам дека Фестивалот, на еден креативен начин, одговара на секој предизвик. Значи, не се затвораме и не викаме дека нема да има, туку работиме, истакнува Стојаноска.

Верува во можностите на градот, Министерството за култура и на организацискиот тим дека ќе направат сѐ Фестивалот да се одржи беспрекорно.

При неодамнешната посета на Прилеп, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, одговарајќи на новинарско прашање за затворените сали во Прилеп и како тоа ќе влијае на фестивалот, нагласи дека до почетокот на Фестивалот ги бидат отстранат безбедносните проблеми.

– Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ги видов сите недостатоци кои ги посочи Инспекторатот на Дирекцијата за заштита и спасување. Ова беше логично по долгогодишната негрижа. Направивме динамика. Имаме план како да ги отстраниме овие недостатоци. Прво, да го отвориме Центарот за култура, а потоа да пристапиме кон недостатоците кои ги има Театарот, изјави Љутков.

Директорката Стојаноска е убедена дека до почетокот на Фестивалот ќе се отстранат сите безбедносни пропусти во салите.

– За отворањето на двете сали, во Центарот за култура и во Театарот, треба да кажат оние кои ги водат тие сали, a сега може да кажам дека тоа што ќе биде оспособено, ќе биде искористено за Фестивалот.  Да, се размислува за други простори, но ние секоја година користиме и други алтернативни простори низ Прилеп, и не само во Центарот за култура, и не само во Театарот.  Мислам дека до почетокот на Фестивалот ќе се отстранат сите безбедносни пропусти. Тоа го потврди и министерот за култура Зоран Љутков во нашиот заеднички разговор, а тоа го потврдија и од Центарот за култура дека работат на тоа да се оспособат салите, вели Стојаноска.

Поврзани вести