
Стариот музички механизам од градскиот часовник во Битола наскоро ќе биде јавно изложен во новата Музичка соба што се подготвува во Офицерскиот дом.
Механизмот, кој со години стоел во внатрешноста на саат кулата, беше откриен при новинарско истражување. Општина Битола одлучи да го донира на Културно-информативниот центар Битола, каде ќе биде соодветно заштитен и претставен пред јавноста.
Во просторот ќе биде поставен и информативен агол што ќе ја раскажува приказната за неговата улога во градот и значењето што го имал со децении.
До неговата замена со нов современ механизам, токму овој уред ги емитуваше македонските народни песни што одекнуваа од врвот на саат кулата. Денес, преку новиот систем, се емитува песната „Битола, мој роден крај“ во изведба на Ајри Демировски.
Музичката соба во Офицерскиот дом ќе содржи и стари музички експонати, плочи, архивски материјали од музичката историја на Битола, како и агол за преслушување песни посветени на градот.
Со ова, еден важен дел од музичкото наследство на Битола ќе добие нов живот – овојпат пред очите на јавноста.

Македонски

