
Вчеравечер во Европската куќа на Делегацијата на Европската унија во нашата земја се одржа промоција на две значајни изданија: првиот број на специјализираното списание „Европа: по рутата на Кирил и Методиј“ и македонскиот превод на романот „На убавата сина Џевнице“ од чешкиот писател Антонин Бајаја.
На настанот свое обраќање имаше државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова. Настанот беше посветен на културната рута на Светите Кирил и Методиј и се организираше во предвечерјето на Генералната асамблеја на Европската рута на Светите Кирил и Методиј, која за првпат се одржува во нашата земја.
Во своето обраќање, државниот секретар истакна дека Министерството за култура и туризам дава целосна поддршка на проектите поврзани со културните рути на Советот на Европа. Таа нагласи дека со вклученоста во мрежата на Европската рута на Кирил и Методиј се создаваат нови можности за унапредување на соработката меѓу интернационалните, националните и регионалните програми, со широк спектар на заемно поврзување и културна размена.