
Добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата, објавена на македонски јазик ќе биде објавена денеска на прес-конференција.
Во потесен избор од пет поетски книги во конкуренција за наградата се „Меко трње“ од Марија Ангеловска (Скопје: ПНВ Публикации, 2026), „Во куќата“ од Николина Андова Шопова (Скопје: Бегемот, 2026), „Длабок простор“ од Зоран Анчевски (Скопје: Арс Ламина, 2026), „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска (Скопје: Слово, 2026) и „Болна земја“ од Братислав Ташковски (Скопје: Матица македонска, 2026).
Програмата на 65-тите Струшки вечери на поезијата продолжува со меѓународно поетско читање „Матине“ во предворјето на црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид и посета на знаменитостите на градот.
Манифестацијата ќе продолжи со поетско читање „Плејади“ и поетски портрети, како и меѓународно поетско читање „Кругови 2“ и „Ноќ без интерпункција“ со читање на поети застапени во антологијата „Камен и земја“ приредена од Иван Џепароски и читање на поетите во конкуренција за наградата ЕНХАЛОН.
Фестивалот се одржува под мотото „Каде што живее поезијата“ од 24 до 29 јуни во Струга.

Македонски



