Skip to main content

„Секстет“ во режија на Марјан Георгиевски вечерва во Битолски театар

Режисерот Марјан Георгиевски истакна:

 „ Како млади вљубеници во театарот го гледавме тој жанр на претстави и можеби ни беа и првиот контакт со театарот и првото чувство дека еве се случува некаква игра и сакаме и ние тоа да го правиме. Но низ годините, работевме друг тип на претстави кој навистина беше поинаков и решивме да направиме водвиљ кој што како генерација ние не го доживеавме искуствено на сцена и навистина беше едно големо задоволство и голема возбуда да се нафатиме на тој подвиг. Комедијата не се поставува многу често, затоа што е една пеколна работа, многу тешка. На публиката и делува ека сето тоа се случува многу лесно и едноставно, но но тоа не е така. Јас пред се сум актер, но исто така и режисер и ми беше голем предизвик да се впуштам во еден ваков процес и размислував многу околу тоа која ќе биде екипата која што ќе влезе во овој процес“.

Претставата е адаптација по делото на Марк Камолети, „Не се дотерувај за вечера“.

„Затоа што Камолети е еден од најпоставуваните автори на водвиљи, поставуван е во над педесет и пет земји и се игра низ годините. Еден сериозен мајстор во пишувањето на комедијата. Секоја реплика е предвидена, секое дејствие што се случува во самата драма има зошто и има како. И едвај чекаме да се сретнеме со публиката, затоа што ова е претстава за публика. И сигурно се прашуваме исто така зошто комедија денес? Затоа што секојдневно се случуваат најразлични работи во светот. Постојано живееме во стравови и постојано живееме во различни турбуленции, премногу стрес во ова денешно време. Добро е да имаме една претстава која што ќе ни дозволи малку да избегаме од целото тоа секојдневие, да земеме воздух и да се посмееме“, додава Георгиевски.

Во претставата играат: Бернар -Николче Пројчевски, Жаклина-Катерина Аневска Дранговска, Роберт -Александар Димитровски, Сузан-Сандра Грибовска Илиевска, Сузет -Марија Цветановска, Џорџ-Борче Ѓаковски.

„Еве веќе една година да сум дел од Битолски театар и од овој ансамбл и сум пресреќна. И сакам да се заблагодарам на Марјан за приликата што ми ја даде да сум дел од оваа претстава. Пред се тој не беше поставен према нас како режисер, туку како актер, колега, како другар и како многу добар комичар. Јас од него научив многу работи. Сум имала прилика да работам во комедија, но не ваков тип. Не е комедијата само да смислам лик и тој да биде смешен и да смислам неколку смешки и тоа да биде тоа, него сфатив дека во комедијата има многу математика и многу треба да биде се прецизно и точно и дека за еден збор или за едно нешто, ако другиот лик му промакне или се испушти, дека се веќе ќе се распадне како една кула од карти или од коцки“, изјави актерката Марија Цветановска.

Актерот Никола Пројчевски вели:

„Ова е едно комплицирано време и потребна е комедија, луѓето да се насмеат. Особено во време во кое што брзиот начин на живеење и информациите кои што стигаат прават и така да не се смееме. Ние знаеме десет дена претходно не бомбардираат со погрешни или непогрешни информации. Десет дена претходно сме несреќни за времето после десет дена. И затоа вас ви треба една комедија, во која на многу врати излегуваат и влегуваат илјадници ликови и се случуваат сплетки. Нешто кое што еве генерациски, можеби вие сте го гледале. Еве се случи сега после толку време, ќе бидат моменти на среќа, моменти на смеење, моменти на едно опуштено и не така опуштено доживување и ќе си ги одмериме силите мажи наспроти жени. На крајот нема победник, сите ќе бидеме победници или губитници и се надевам дека ќе биде едно супер искуство“.

Костимографијата е на Андреј Георгиевски, сценографијата на Влатко Чачоровски, музика -Александар Димовски, светло -Горан Петровски, тон-Николче Терзиевски. Испициенти- Димитар  Михајловски, Оливер Петровски, суфлер -Гордана Михајловска. Дизајн на колажи: Сандра Грибовска. Дизајн на постер: Михајло Димитриевски – The Micho.

Зошто комедија? Затоа што премногу долго сме сериозни.

Живееме во време на прегласни информации и постојани кризи.

Научивме како да бидеме загрижени, заборавивме да се смееме.

Затоа сега е време за Камолети – светскиот крал на фарсата и мајсторот кој знае како хаосот да го претвори во лек.

„Секстет“ е комедија која ќе ве остави без здив. Оваа претстава е создадена за да биде вечер за чиста радост.

Темпо кое не дозволува здив и актери кои во овој хаос влегуваат со смртна сериозност.

Оставете го светот пред вратата на театарот.

Поврзани вести