Skip to main content
Александар Трајковски и Бојан Станишиќ од „Кино Балкан“ продукција и дистрибуција

Развојот на киномрежата е клучен за долгорочен раст на филмската култура

„Кино Балкан” продукција и дистрибуција почна да дистрибуира македонски филмови и филмови од регионот..

Филмолозите Александар Трајковски и Бојан Станишиќ со повеќегодишно искуство во областа стојат зад  „Кино Балкан” која во изминатиов период активно го дистрибуира филмот „Приказна за Силјан” на режисерката Тамара Котевска. Филмот имаше проекции во повеќе од 15 градови во Македонија и руши рекорди, како по број на гледачи така и по број на локации каде е прикажан.

Она што се издвојува од оваа дистрибуција е активниот пристап и откривањето на нови региони и културни центри, овозможувајќи филмот да допре до секој гледач, до секое ќоше од земјава, овозможувајќи оваа исклучителна приказна да ја доживее секој жител на земјава. Во иднина планирани се и организирани проекции за основни и средни училишта ширум државата, активно воведувајќи го филмското дело како дел од образовниот систем, пракса широко застапена во европските земји.

Време е македонскиот филм да го добие вистинското место во кино салите низ Македонија и да добие вистински третман. Време е македонскиот филм да и се врати на македонската публика, велат Трајковски и Станишиќ во разговорот за „Република“ , каде проговоривме за предизвиците, иницијативите, плановите и за идните проекти на „Кино Балкан продукција и дистрибуција“.

„Кино Балкан продукција и дистрибуција“ почна да дистрибуира македонски филмови и филмови од регионот. Од кога постои оваа продукција и кои сѐ македонски филмови ги дистрибуирате?

Трајковски/ Станишиќ: „Кино Балкан продукција и дистрибуција“ постои како иницијатива насочена кон поддршка и афирмација на домашната и регионалната кинематографија. Покрај првичната активност, продукција на филмови, главно независни, неповолната ситуација со веќе продуцираните македонски филмови не натера да размислиме за проширување на дејноста, односно да се потрудиме македонскиот филм да го донесеме до што поширока публика, ставајќи акцент на публиката од внатрешноста која е жедна за филм, регионален, а посебно македонски филм, а недоволно има можности да го погледне. Така настана Кино Балкан дистрибуција – нудејќи еден свеж и непосреден контакт на македонскиот филм и филмовите од регионот со македонската публика.

Во изминатиов период „Кино Балкан продукција и дистрибуција” го дистрибуираше филмот „Приказната за Силјан” во повеќе од 15 градови. Сака ли публиката да оди во кино? Дали македонските филмови предизвикуваат внимание?

Трајковски/ Станишиќ: Нашето искуство покажува дека интерес постои — и тоа значителен. Проекциите во различни градови потврдија дека публиката сака киноискуство, особено кога се работи за домашни филмови со силна авторска и културна вредност. Македонските филмови предизвикуваат внимание, дискусија и емоционална реакција кај гледачите, што покажува дека тие имаат своја публика и потенцијал за уште поголема видливост. Уште повеќе, сакаме да ја потенцираме едукативната страна од кино-прикажувањето, вклучувајќи дел од програмата во образовниот систем, што најдобро се покажува преку препораката за прикажување на „Приказната за Силјан“ на ученици од основно и средно образование, иницијатива во соработка со Бирото за развој на образованието.

Каква е состојбата со киносалите во земјава?

Трајковски/ Станишиќ: Состојбата со кино-инфраструктурата останува предизвик. Во Скопје бројот на активни киносали е ограничен, скоро да ги нема, а во многу други градови тие речиси и не постојат или не функционираат континуирано. Тоа создава потреба од алтернативни модели на прикажување — патувачки проекции, соработка со културни центри и институции — со цел филмовите да стигнат до публиката. Развојот на киномрежата е клучен за долгорочен раст на филмската култура. Во центарот на градот, во моментов нема ниту едно активно кино, што е загрижувачки. Исто така проблем е и стручноста на луѓето за правење на филмски програми и тука треба да се стави акцент, како на релевантните институции за поддршка, така и на образовните институции од филмските насоки, кои покрај практичните програми мора поактивно да ја вклучат филмологијата како дел од своите курикулуми.

Македонскиот филм е во нагорна линија. Како тече соработката со авторите?

Трајковски/ Станишиќ: Соработката со авторите е многу конструктивна и базирана на заедничка цел — филмовите да допрат до гледачите. Авторите сè повеќе ја препознаваат важноста на дистрибуцијата како последна, но суштинска фаза од животот на филмот. Постојат отвореност и доверба, што ни овозможува заеднички да градиме стратегии за промоција и прикажување.

Што може во иднина да очекуваме? Какви се вашите планови?

Трајковски/ Станишиќ: Во иднина планираме проширување на дистрибутивната мрежа, вклучување на нови македонски и регионални наслови, како и зајакнување на присуството на филмовите во помалите градови. Нашата цел е создавање одржлива публика за домашниот филм и поддршка на кинематографијата како културна вредност. Ќе продолжиме да работиме на партнерства и иницијативи што ќе ја збогатат филмската понуда и ќе го приближат киното до гледачите.

Разговараше: Невена Поповска

фото: Република

Поврзани вести