
Стихозбирката „Има така некои денови“ од Елка Јачева – Улчар вечерва беше промовирана во Музејот на македонската борба за самостојност.
Ова е прва поетска книга на проф. д-р Елка Јачева-Улчар, која е лингвист, македонист и автор на повеќе научни трудови. Вработена е во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и е истражувач во научно-истражувачки проекти поврзани со историјата на македонскиот јазик. Книгата ја објави „СИВЕЈАН“.
Проф. д-р Елка Јачева-Улчар пред промоцијата изјави дека песните во оваа стихозбирка се настанати во еден подолг период, почнувајќи во годините од пред короната, а најголемиот дел настанале минатата година, во текот на летото 2024 година.

Заклучно со песната „Пеперуга“ што ја напишав оваа година за денот Задушница и тоа е завршна песна, по која еден упорен човек по име Тихомир Јанчовски ме убеди дека конечно треба сето тоа што го објавувам по Фејсбук да го соберам во една книга, рече Јачева-Улчар.
Книгата има три циклуси. Првиот циклус се однесува на Македонија и на интимниот простор на Јачева-Улчар, на нејзиното семејство. Во вториот дел се поместени песни за едно место во Македонија каде, како што рече, го поминувам секое лето, по најмалку 30-тина дена, Велестово, кое е познато по Велестовските ноќи, а третиот дел е посветен на моите починати предци.
Пораката е, како што истакнува во поговорот д-р Влатко Мартиновски, дека со добрина и со убавина ќе го победиме сето зло, потенцира Јачева-Улчар.

Книгата ја промовира деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје проф. д-р Владимир Мартиновски, македонски поет, есеист, прозаист, книжевен преведувач и антологичар, кој и посака на Јачева – Улчар уште многу поетски објави.
Книгата е сочинета од педестина песни, распоредени во три органски поврзани поетски циклуси – „Мали и големи нешта“, „Ритми и рими“ и „Секојдневие“. Во нив меѓу другото не случајно е содржана насловната синтагма, која е битна одредница за поетскиот пристап на Елка, да ја разгледа својата човечка позиција во сооднос на светот околу себе и во сооднос на состојбата во која се наоѓа нејзината татковина. Елка Јачева-Улчар е поетеса, од семејство органски поврзано со уметноста на речта. Ќерка е на Ристо Јачев, мајка е на Исток Улчар, нагласи Мартиновски.

На промоцијата стихови од книгата читаше македонската актерка Ирена Илиевска, Благој Ламњов настапи на кларинет, а водител и модератот на промоцијата беше Татјана Алексиќ.

Македонски








