
Во малата сала на Филхармонијата вечерва во 19.30 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Три лица на љубовта“ од авторот Митко Чешларов, во издание на „Сигмапрес“. Книгата претставува уникатен мултимедијален проект составен од лирски записи, авторски песни и драмски текст – три различни форми преку кои се обработуваат теми што секој човек ги носи во себе: љубовта, осаменоста, копнежот и внатрешните лични приказни. Секоја композиција има свој лирски запис, а во книгата се вклучени и QR-кодови кои водат директно до сите досега снимени песни на официјалниот „Јутјуб“.
Песните ги изведуваат: Мариана Бошковска, Ана Петановска, Горан Наумовски, Агни Авшар, Биба Додева, Жаклина Стевковска и Зорица Поп Панкова. За дел од изведувачите, овие песни се нивно прво ново музичко остварување по подолг период. Автор на музиката и текстовите е Митко Чешларов, а аранжерите кои стојат зад реализираните композиции се: Ангел Ќосев, Кристијан Габроски, Стефан Петановски, Давор Јордановски и Владимир Дојчиновски.
Настанот ќе го водат Драги Павлевски и Жаклина Стевковска, а публиката ќе има можност да доживее ретко уметничко искуство преку спој на лирски записи, музички изведби и драмски сегменти. Настанот е отворен за публика.
Врз основа на текстовите во книгата досега се снимени осум авторски композиции, а проектот продолжува со создавање и снимање нови песни. Истовремено, истиот концепт се подготвува и за Хрватска.
Инспирацијата за драмскиот текст „Кој сум јас“ произлегува од начинот на кој сите ние се препознаваме во песните, во музиката — во стих, чувство или момент што, додека го слушаме, ни изгледа блиско, како да е создадено за нас. Токму таа универзална човечка реакција послужи како основа од која се разви драмата, како третото уметничко лице во книгата.

Македонски







