
На трети септември, в четврток од 20.00 часот на платото пред Градскиот саат во Прилеп, ќе се одржи осмото издание на поетскиот пеформанс „Љубење со стихови“ на поетите Филип Димкоски и Лина Димоска.
Како што веќе е навикната прилепската публика, и овојпат од грлата на нашите сограѓани ќе прозвучат нивните авторски стихови, но и избор поезија од македонски поети од повеќе генерации како Кочо Рацин, Блаже Конески, Светлана Христова Јоциќ, Анте Поповски, Славко Јаневски, Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај, Јован Котески, Петре М. Андреевски, Трајан Петровски, Тихомир Јанчовски и Вања Изова Велева.

Поезијата, а особено нејзиното сценско изведување, малку и ретко е застапена на домашната уметничка сцена. Тој факт, како и нашата страст кон јавното интерпретирање на стиховите беше иницијална каписла за создавањето на „Љубење со стихови“ кое еве три години подоцна, го доживува своето осмо издание. Секое нов настан за нас е предизвик, одговорност, но и радост заради позитивната повратна реакција од публиката-велат поетите Димкоски и Димоска.
Настанот е во организација на Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп, а се реализира со поддршка на Општина Прилеп и кафулињата Чоше и Носталија.

Македонски


