
Културно-информативниот центар (КИЦ) Битола утревечер ја заокружува својата летна културна сезона со голем завршен концерт. Под мотото „Песни од срцата“, на големото плато пред Офицерски дом, со почеток од 20:00 часот, ќе настапат врвните македонски оперски уметници Ана Дурловски и Игор Дурловски.
На концертот, придружувани од Камерениот оркестар „АЈГА“, под диригентство на Иван Еминовиќ, ќе бидат изведени некои од најубавите традиционални македонски песни: „Дејгиди, луди млади години“, „Разболела се Ленка Пингова“, „Што да правам, што да чинам“, „Си заљубив едно моме“, „Пајдушко“ и многу други.
Настанот претставува вистинска културна ретроспектива, која ја поврзува македонската музичка традиција со современата уметничка интерпретација. Организаторите најавуваат вечер исполнета со емоции, каде публиката ќе ужива во автентичните звуци на македонското музичко наследство.
Влезот за концертот е слободен за сите посетители, а КИЦ Битола упатува покана до битолчани и гостите на градот да бидат дел од ова културно доживување, со кое официјално се затвора летната културна програма на институцијата.