Skip to main content

Ова научно дело ја отсликува работата на сите претходници и современици, рече министерката Јаневска за научното дело кое ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година

Министерство за образование и наука

Научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотеката-лексички материјали) ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година. Наградата беше доделена денес во македонското Собрание, а на церемонијата се обрати и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.

Ова научно дело ја отсликува работата на сите претходници и современици, а со тоа исцртува не само слика за лексичкото богатство на македонската дијалектна територија, туку и слика за долгогодишната ангажираност на дијалектолозите во овој мошне значаен проект за македонистиката и за славистиката“, рече Јаневска, посакувајќи им на авторите уште многу успеси и научни достигнувања во иднина.

Министерката нагласи дека современите достигнувања во науката и технологијата суштински го менуваат светот и начинот на живот на луѓето и во тој контекст, државата има должност да создава услови за напредок на науката, истражувањето и иновациите и со тоа да помага во креирањето на глобалните позитивни промени.

Посочи дека за Владата унапредување на националниот научно-истражувачки екосистем е еден од програмските приоритети и во изминатите неколку месеци, значително е подобрен третманот на науката и на високото образование, преку зголемени инвестиции, но и преку јакнење на регулативата која ги уредува овие области.

Оваа година е обезбедени буџет од 680 милиони денари за наука, истражувања и иновации, речиси двојно повеќе од лани и како што кажа министерката, веќе е започната неговата распределба.

Објавивме три конкурси за финансирање на национални научно истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, на МАНУ и проекти изработени во партнерства со бизнис заедницата, со фокус на исполнување на целите од Стратегијата за паметна специјализација. Преку трите конкурси ќе се доделат 376 милиони денари и во оваа прилика уште еднаш ги повикувам сите научници и истражувачи, како и компании посветени на науката и истражувањата, да креираат и да аплицираат со иновативни проекти“, рече Јаневска.

Кажа дека е изработена и Предлог Национална програма за научно-истражувачка дејност – стратешки документ кој ќе биде потребен за креирање на релевантни политики, а во моментов се работи на нови законски решенија за високото образование и научно – истражувачката дејност, кои треба да обезбедат повеќе права и можности за засегнатите.

Со државната награда „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајни остварувања во областа на науката. Автори на научното дело кое годинава ја доби наградата се проф. д-р Веселинка Лаброска, акад. проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкулоски, д-р Македонка Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова.

Поврзани вести