Skip to main content

Отворање на изложбата „Живот за уметноста“ во Галерија Метаноја

Во „Галерија Метаноја“ во Скопје вечерва ќе биде отворена заедничката изложба „Живот за уметноста“ од Александар Настески и Ивана Настески.

„Живот за уметноста“ е изложба која ги спојува заедничките уметнички мотиви, пориви и визии изразени на свој автентичен начин на двајцата уметници. Изложбата произлегла од промоцијата на книгата „Дијалози за слободата“ во која авторот Љупчо Јолевски има интервју со Александар и со Ивана. (Метаноја, 2025).

Воедно Галеријата „Метаноја“ ја иницираше идејата за реализација на оваа изложба со можноста делата на таткото и на ќерката да се „огледуваат“ во двата галериски салони.

За Александар Настески ова е постхумна изложба. На истата некои негови слики за првпат ќе бидат изложени во Македонија. Тие досега биле претставени само на публиката во Италија.

Академските уметници, татко и ќерка ќе бидат преставени со слики кои пред сѐ се во нивен основен уметнички израз, но ќе видиме и слики од двајцата во други техники.

За изложбата еден од рецензентите д-р Коста Милков од Балканскиот институт за вера и култура меѓу другото пишува: „Уметничките изрази на Александар и на Ивана Настески ќе ја воведат публиката во архаично-современ визуелен свет каде космогониите, праисториските симболи и современиот експресивен јазик се преплетуваат во единствено уметничко доживување. Изложбата ги обединува мотивите на вселената, земјата, сонцето и човечката фигура во богата митопоетска композиција што го спојува древното со модерното, архетипското со личното, органското со апстрактното“.

Поврзани вести