Skip to main content

Охридски бисери за уметниците кои ќе го отворат „Охридско лето“

Директорот на НУ „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски ги пречека врвните уметници, сопранистката Ермонела Јахо од Албанија, тенорот Чарлс Кастроново од САД и диригентот Марко Боеми од Италија кои утревечер на Античкиот театар со гала-концертот „Љубов“ свечено ќе го отворат 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Како знак на добредојде и почит, сопранистката Ермонела Јахо од директорот Цуцковски доби охридски бисер, додека на тенорот Чарлс Кастроново и диригентот Марко Боеми им беа врачени манжетни декорирани со охридски бисер – традиционални подароци што ја симболизираат културната и уметничката вредност на Охрид.

На средбата, директорот Цуцковски им се заблагодари што токму тие ќе бидат дел од свеченото отворање на најзначајната македонска музичко-сценска манифестација. Тој истакна дека нивното учество претставува потврда за меѓународниот углед што фестивалот го гради повеќе од шест децении.

Цуцковски потенцира дека „Охридско лето“ и оваа година продолжува да биде место каде што се среќаваат врвната уметност, традицијата и културниот дијалог, а свеченото отворање со уметници од светски ранг претставува достоен почеток на фестивалската програма.


Ермонела Јахо, Чарлс Кастроново и Марко Боеми се заблагодарија за топлиот прием и гостопримството, нагласувајќи дека за нив претставува особена чест што ќе настапат на отворањето на фестивал со богата традиција и реноме, какво што е „Охридско лето“. Тие изразија задоволство што ќе настапат пред фестивалската публика на една од највпечатливите отворени сцени во Европа – Античкиот театар во Охрид.

Свеченото отворање ќе се одржи утревечер на Античкиот театар со почеток во 21 часот, кога публиката ќе има можност да ужива во гала-концертот „Љубов“, во изведба на солистите и Оркестарот на Националната опера и балет.МРТВ ќе врши директен пренос.

Поврзани вести