
На првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, кој беше отворен од 11 март до 11 јуни 2025 година пристигнаа 38 ракописи, соопштија од издавачката куќа „Арс Ламина“ која ја востанови наградата, со поддршка на семејството на Николова.
Наградата ќе се доделува секоја година, а право на учество имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо.
Пристигнатите необјавени романи (ракописи), напишани на македонски јазик и со кирилско писмо, ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка). Одлуката за првиот добитник ќе биде објавена во септември 2025. На посебен свечен настан во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе биде врачено признанието.
Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е востановена на 11 март 2025, на денот на раѓањето на Оливера Николова, прв без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година. Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои Николова создаваше – романот за деца и млади, кој, за жал, подолг период е притеснет помеѓу асиметричниот развој на другите жанрови (сликовниците од една страна и романите за возрасни – од друга).
Романот за деца и млади е мошне значаен во целокупниот процес на созревањето на личноста, во текот на образованието, а и пошироко, во емоционалниот и етичкиот развој на индивидуата, така што се очекува наградата „Оливера Николова“ да го ревитализира жанрот, збогатувајќи ја современата книжевност со нови дела.