Skip to main content

Младите поети Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски се учесници на Светски поетски фестивал во Грција

Младите македонски поети Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски се учесници на годинешното издание на Светскиот поетски фестивал во Патра во Грција. Двајцата поети се дел од Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал и дел од тимот на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, а учеството на фестивалот се реализира во рамки на договорот за размена на поети меѓу Скопскиот поетски фестивал и фестивалот во Патра.

Светскиот поетски фестивал во Патра, годинава се случува по деветти пат, од 16 до 20 септември на повеќе локации низ градот под мотото „Револуцијата започнува со зборови“ (Η Επανάσταση Αρχίζει με τις Λέξεις / Revolution Begins with Words). На годинешното издание учествуваат 72 поети од 32 земји. Во најавата на фестивалот се наведува: „Почнувајќи од идејата дека јазикот не е само средство за опишување на реалноста, туку сила што ја обликува, фестивалот истражува како поезијата може да функционира како поле на отпор, размислување, мирен соживот и обнова. Во ерата на општествени и историски трансформации, поезијата се појавува како простор каде што зборовите ја стекнуваат моќта да ја редефинираат колективната имагинација и да отворат нови можности за комуникација и разбирање.“.

Марија Велинова (2003, Штип) е поетеса, уредничка и апсолвентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Авторка е на стихозбирките „Разговорите што не можевме да ги имаме“ (2021, Дата Песнопој) и „Омарнина што омалаксува“ (2023, ПНВ Публикации). Заедно со Андреј Медиќ Лазаревски го преведе од црногорски јазик изборот песни „Ништо ново под сукњата на современоста“ од Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ. Членка е на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, на Уредничкиот одбор на Скопскиот поетски фестивал, проектна асистентка на Филозофскиот филмски фестивал, уредничка на списанието на „Култура Бета“ за општа култура „Тригер“, уредничка на списанието „In medias res“ на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Учествувала на повеќе домашни и интернационални поетски читања и фестивали (Струшки вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово, Скопски поетски фестивал, Македонска книжевна визита – Софија, Бугарија, Стихот во регионот – Загреб, Хрватска). Нејзини песни се застапени во домашната периодика и преведени се на хрватски, српски, англиски, грчки и романски јазик. Нејзини песни се застапени во антологиите „Македонска љубовна лирика“ (прир. Весна Мојсова-Чешишевска и Иван Антоновски, Матица македонска, 2024), „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, ПНВ Публикации, 2023) и „Самодиви: панорама на македонска поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ (прир. Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска, Поетска ноќ во Велестово, 2023).

Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Дипломирал на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет и е апсолвент на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, Дата песнопој), „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – 2. изменето и дополнето издание, ПНВ Публикации) и „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“ (Култура Бета, 2025) и на една изложба „Црно под ноктите“ (2024) од која произлезе и истоимена електронска книга со колажите од неа (Култура Бета, 2025). Заедно со Стефан Спасовски го приредија изборот од современата македонска квир поезија „Згужвани граници“ (2026, Култура Бета). Преведувач е на книгите „Ништо ново под сукњата на современоста“ од Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ и на „Уриел“ од Урош Ѓоровиќ. Дел е од европската поетска мрежа „Версополис“. Тој е основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, ко-основач на фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“, главен фестивалски координатор е на Филозофскиот филмски фестивал, член е на Извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал, како и главен уредник на списанието за општа култура „Тригер“ што го издава „Култура Бета“. Учествувал на повеќе фестивали и книжевни читања: Светскиот поетски фестивал во Патра (Грција), Стих у регији (Хрватска), Рукописи (Србија), Струшки вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово, Скопски поетски фестивал, АртАреа, Добри гости… Негови песни се застапени во домашната периодика и се преведени на српски, хрватски, англиски, романски и грчки јазик. Негови песни се застапени во антологиите „Македонска љубовна лирика“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, Матица македонска, 2024), „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, ПНВ Публикации, 2023) и „Музика, сега и уште“ (прир. Владимир Мартиновски, Струшки вечери на поезијата, 2022). Во 2024 година ја добива наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад македонски автор прочитана на Струшките вечери на поезијата.

Покрај нив двајца, од Македонија на фестивалот ќе учествува и Живко Гроздановски, како и поети од Србија, Бугарија, Турција, Романија, Германија, Естонија, Тунис, Албанија, Австралија, Гибралтар, Словенија, Шведска и др.

Поврзани вести