
На 26 јуни, четврток, во култното скопско катче, кое веќе стана собиралиште на уметничкиот џет-сет во Скопје, „Бифе Тафталиџе“, со почеток во 20 часот Давор Кешќец ќе ја отвори својата самостојна изложба, насловена „Месечина на љубовта“ (Moon of Love).
Давор Кешќец е роден во 1997 година во Скопје. Завршил графика во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, а потоа дипломирал на ФЛУ – Скопје. Член е на ДЛУМ од 2020 година. Има реализирано над десет самостојни изложби, изработил мурали низ Македонија и учествувал во бројни проекти поврзани со уметноста, дизајнот и илустрацијата. Добитник е на наградата „Young Art“ (2019) во категоријата сликарство.
Кешќец до сега има реализирано неколку самостојни изложби, а бил дел и од повеќе групни изложби и проекти со свои дела. Негова инспирација се кубизмот, поп артот, германскиот експресионизам, но кретаивноста му ја будат и музиката и се разбира – љубовта. По вокација е графичар и до сега има остварено неколку самостојни и групни изложби. Се инспирира од Кубизмот, Поп Артот, Германскиот експресионизам, Пост Графити уметноста….но и од Рокенролот и општо од музиката. Љубовта вели е вечна инспирација. Како дел од минатогодишниот „Комшилоок“ го видовме „Where Yu Go?“, култниот автомобил „Југо“ трансформиран во неверојатно уметничко дело.
Со Давор разговаравме за изработката на муралите, инспирацијата, процесот на работа…
Штотуку заврши Вашата изложба во МКЦ, насловена „Moon of love“, а веќе во подготовка е нова која ќе биде поставена во култното Бифе „Тафталиџе“. Како е насловена оваа изложба и кои Ваши дека ќе може да се видат?
На изложбата во Бифе Тафталиџе ќе бидат изложени дел од делата кои беа изложени во МКЦ па така насловот и на оваа изложба ќе биде „Moon of love’’.

„Moon of love“, „Once again“, „She“…се насловите на Вашите изложби. Како ги избирате? Според едно дело или спонтано откако ќе насликате повеќе дела насловот доаѓа сам по себе? И дали прво се сликите, па насловот или обратно?
Најпрвин се скиците, во процесот на правење на скиците доаѓа и насловот, а потоа следи реализацијата на делата. Насловите на делата некогаш доаѓаат пред некогаш по завршувањето на делото, некогаш насловот на делото е даден по некоја песна.

Десет години творите во овој Ваш препознатлив стил. Од каде инспирацијата?
Инспирацијата ја добивам од различни работи, од секојдневието, музика, филм, ликовна уметност…Понекогаш не ни знам од каде инспирација се додека не почнам да создавам скица.

Проектот „Со <3 за Скопје“ ни донесе градски автобуси насликани со Вашиот препознатлив стил. Дефинитивно го развеселија градот. На изложбите може да се види и автомобил „Југо“ и мотор „Веспа“ насликани на ист начин и претворени во уметничко дело. Дали Ви е предизвик освен сликите да работите и некои вакви проекти?
Секако дека ми е предизвик да работам на такви проекти и самото тоа што сите се разликуваат еден од друг го прави предизвикот поголем. Покрај сликите овие проекти се уште еден медиум за изразување и поврзување со публиката.


Познат сте и како автор на мурали кои го красат Скопје на неколку локации. Вашиот визуелен јазик дефинитивно укажува на уникатен уметник кој го привлекува вниманието на минувачите. Колку точно дела имате изработено низ Скопје и што Ве инспирираше за нив?
Низ Скопје имам изработено околу двесеттина дела, некои од нив повеќе не постојат така да не го знам точниот број. Освен во Скопје имам изработувано мурал во Велес и во Крива Паланка. Кога се црта мурал најчесто темата ја задава барателот. Инспирацијата за муралите е иста како и за сликите, муралите се само уште една техника преку која се изразувам.
Подготви:
новинар: Невена Поповска
фото: приватна архива