Skip to main content

Љутков: Донесен делегиран буџет со кој театрите во земјава однепред во годината ќе добијат буџет без да конкурираат

Театарите во земјава по примерот на фестивалите првпат однапред ќе добиваат одредена сума на буџет, со кој ќе ги реализираат своите програми, а потоа на крајот на годината Министерство за култура и туризам и со нивните  тимови ќе вршат евалуација на проектите кои се изработени, колку карти се продадени, на колку фестивали бил театарот, колку успеси има постигнато, што направиле со средствата во  дадената институција. Ова денеска го изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, при посетата на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.

Тој информира дека Велешкиот театар за 2025 година ќе добие двојно поголем буџет споредено со претходната година.

-На тој начин и самите менаџери на институциите, во случајот директорот на Велешки театар Жарко Спасовски и останатите директори ќе носат многу поголема одговорност, кон програмата. Дали ќе се формираат како уметнички Совет, дали ќе има уметнички директор или ќе има креативен тим кој ќе ги изработува програмите во наредната година, тоа ќе биде слободен избор на самата институција, појасни министерот Љутков.

Појасни дека тие како Министерство за култура и туризам ќе го следат овој процес и во однос на тоа како е завршена работата и таков ќе им биде буџетот за наредната 2026 година.

-Она што денеска можам со сигурност да ви го кажам пред да биде објавена програмата на 31 јануари е дека  НУ Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес ќе добие двојно поголем буџет за разлика од претходната 2024 година, рече Љутков.

Директорот на Велешкиот театар Жарко Спасовски информира дека тие годинава по стариот начин конкурирале со пет претстави со режисерите Синиша Ефтимов, Владимир Милчин, Александар Ивановски, Елеонора Теова и Борис Василевски.

-Тоа ни е спој на младоста и искуство, кои верувам дека со овие средства за кои информира министерот ќе ги реализираме тие пет претстави, а минимум би имале две детски претстави бидејќи сакам да бидеме активни за таа наша млада публика, која е следната публика која би доаѓала во нашиот театар, потенцира Спасовски.

Тој информира дека уште од сега се поканети на неколку театарски  фестивали, а во март со сигурност ќе одат на фестивал во Ниш. Имаат и покани за фестивалот во Лече во Италија, за кој се уште се во преговори, како и на други театарски фестивали.

Поврзани вести