
На 4 септември во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Линиски одрази“ од Филип Петрески во КИЦ. Академскиот уметник Филип Перески ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина и формата во тродимензионалниот простор.
Неговиот цртеж и сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата.
Со хоризонталното протегнување и вертикалното извишување, брзите градации и збиената густина на линиите, уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции. Имено, преку репетиција на експресивните контрастни и збиени линии, тој дополнително креира длабочина во асиметричните композиции.
Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции.
Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на академскиот уметник Филип Перески спонтано еволуира и се развива во апстрактно-асоцијативен израз. вели м-р Викторија Димеска, историчарка на уметност.
Филип Перески е роден на 10.09.1990 во Прилеп. Дипломира 2013 год. на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедра за ликовна педагогија, насока вајарство во класата на професор Станко Павлески. Член е на друштвото на ликовни уметници Прилеп (ДЛУП). Моментално живее и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп.