Skip to main content

Изложба на колажи на словенската уметница Тина Дрчар денеска во Галеријата на МКЦ

Изложба на колажи на словенската уметница Тина Дрчар ќе се отвори денеска во 19,00 часот Галерија МКЦ, петок 17 октомври  •  Траење: до 3 ноември.

Изложбата е спонзорирана од Министерството за култура на Словенија и остварена во соработка со МКЦ.

Како автор и креативна ко-креаторка со критичка мисла и оригинален уметнички пристап, го одсликувам мојот одговорен став кон слободата и природата. Со моите дела го привлекувам вниманието кон перверзиите на нашето заробеништво и недостижноста на моментот на избор што го одредува нашиот сетилен хоризонт.

Насловот на циклусот колажи „ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ“ е метафора или парадокс на реалноста на секојдневниот живот. „КОЛАЖИ-ОМАЖИ“ се преплетување на постоечки уметнички дела и трансформација на телото на авторот преку фотографскиот објектив на Илија Терах, Андреј Лупинц, Никола Упевче, Тина Дрчар и Чрт Пикси, кои ја портретираа.

Во техниката колаж, со почит кон етаблираните уметници и нивните уметнички дела: Миле Корубин, Вемура Шоен, Ирвин Густав Вигеланд, Борис Калин, Анри Русо, Антонио Моро и Хиеронимус Бош. Во низата трансформации на телото и костумот, интервенирам во различните значења на приказните од уметничките дела со мое сопствено реинтерпретирање. Истражувам, преку себе, од искуствата и спознанието до конфликт со светот, вели Дрчар.

Тина Дрчар (1977) е сликарка и концептуална уметница, самовработена во областа на културата. Во 2004 година дипломирала на Колеџот за уметност и сликарство „Art House“ во Љубљана, под менторство на професорите Марко Бутина и Тања Мастнак. Веќе за време на студиите започнува со уметнички интервенции во Метелкова, во сликарско дуо со Бине Скрт, при што најзабележителна е нивната слика на „Мала Шола“, која претставувала и дипломска работа. Во тој период добива простор таму, кој го уредува во атеље, каде што и денес твори. Нејзините дела често се изложувани и препознатливи на ѕидните слики (мурали) во Метелково место.

Покрај сликарството, таа се изразува преку различни медиуми и уметнички техники: изработува мозаици, постери, маски, објекти и светлосни инсталации, слика сценографии за театар, а делува и како менторка на ликовни работилници. Активно учествувала во бројни изложбени проекти на уметниците од Метелкова, а имала и повеќе групни и самостојни изложби во Словенија и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди и признанија, меѓу кои и последното – Признание на Меѓународниот фестивал на ликовни уметности во Крањ 2022, за нејзината концептуална просторна инсталација на отворено, во урбаниот простор на градот.

Уметницата Тина Дрчар е исклучително плодна, истражувачка, бунтовна и непокорна уметница, која активно го вградува своето богато знаење и искуство во творештвото, комбинирајќи наивни мотиви – кои ги надминува преку своето стручно познавање на уметничките правила – со авангардни тенденции. Нејзините уметнички интервенции се одраз на социо-политичките проблеми на младите и тензии во општеството во целина, а во исто време ги следат фасцинациите на едно време што ги преиспита традиционалните уметнички конвенции и темелно го измени современиот визуелен свет.

Таа е работохоличарка, бунтовник и иноваторка, која својот фантастичен уметнички сензибилен свет го претставува во јавниот простор, на големи формати и фасади на згради. Наративното миметичко сликарство и приказните што ги следиме во нејзините дела се раскажани од средината во која живее, со која се спојува и делумно флертува со нео-сюрреализам и експресивно фигуративно сликарство. Овие приказни, исто така, претставуваат дел од постконцептуалистичките уметнички практики, преку кои критичарите можат да развијат платформа за дискусија и концептуализација на различни теми во уметноста, културата и политиката.

Обемното творештво досега укажува на потреба од подетална анализа на делото на Тина Дрчар, кое интуитивно го чувствува и предвидува доаѓањето на нова уметничка ера, како и отпорот кон неправдата и глобалниот капитализам. Како што самата авторка се преиспитува себеси, така би било неопходно нејзината уметност да се преиспита преку дискурс и теоретски експлицитна политичка агенда, бидејќи сликарката внимателно го проучува и истражува развојот на современите трансфеминистички, трансмигрантски и квир позиции, како и феномените на ксенофобија и неразбирање на различноста.

Олга Бутинар Чех, дипломиран професор по историја на уметност и кустос на ЗДСЛУ.

Поврзани вести