
Во четврток, на 10 септември, во 20 часот во Галеријата на современата ликовна уметност во Ниш во Салон 77 ќе биде отворена изложбата на македонскиот мултимедијален уметник Страхил Петровски под наслов „Архитектура на невидливото“.
Петровски истражува теми поврзани со сеќавањето, текот на времето, егзистенцијализмот и личниот и колективниот идентитет.
Изложбата ја претставува интензивната визуелна и филозофска рефлексија за минливоста, траги на времето и присуството на човекот во материјата. Во овој контекст, спојот на стари и нови дела не е само хронолошки пресек на авторската пракса, туку длабок и интимен дијалог меѓу различни онтолошки состојби.
Роден во 1974 година во Куманово, Република Македонија, Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научно-истражувачки проект „Брестал”, под менторство на проф. Момчило Петровски, на Факултетот за ликовни уметности – Скопје.Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, член на ДЛУБ од 2025 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. До 2023 година, работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје. Од 2024 година, работи како советник конзерватор – реставратор за метал и дрво во НУ Музеј на македонската борба за самостојност. Истата година е избран за Вонреден професор по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.

Македонски


