Skip to main content

ДЗР утврди неправилности во работењето на Државниот архив за 2024 година

Слабости во пописот на побарувањата и обврските, неправилности во остварувањето на приходите, давање попусти и подароци, исплаќани надоместоци без законска основа, плаќање данок на додадена вредност за услуги поврзани со основната дејност и слабости во спроведувањето и реализацијата на јавните набавки, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизорскиот извештај за Државниот архив на Република Македонија.

Во извештајот објавен денеска ДЗР изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Архивот, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Со ревизијата е констатирано и неисполнување на основните услови што треба ги поседуваат депоата на Државниот архив за да се заштити архивскиот материјал, како и условите за заштита од неовластен пристап до архивскиот и документарен материјал. Исто така, не се вршело ажурно и хронолошко евидентирање на движењето на резервите на публикуваните изданија. 

За надминување на утврдените состојби се дадени препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи. 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Државниот архив на Република Македонија за 2024 година. Со извршената ревизија за 2024 година изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Извршена е ревизија и издаден е извештај за финансиските извештаи и за усогласеност со закони и прописи на Државниот архив на Република Македонија за 2016 година. Изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива. Во 2018 година извршена е проверка на спроведувањето на препораките презентирани во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2016 година и издаден е преглед за статусот на спроведувањето на препораките. Од содржината на презентираните податоци во прегледот ревизијата констатира дека дадените три препораки се спроведени – наведува ДЗР.  

Информира и дека од одговорните лица на Државниот архив биле доставени забелешки на нацрт-извештајот за периодот што е предмет на ревизија.

Забелешките се разгледани и е констатирано дека некои од нив не се прифаќаат зашто не се доставени нови докази за промена на утврдените состојби. Некои од забелешките претставуваат известување за причините за констатираните состојби, а други се известување за мерките што ќе се преземат за надминување на утврдените состојби со донесување на новиот Закон за архивскиот материјал и архивската дејност,- напоменува ДЗР.  

Поврзани вести