
Родителите на обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов денеска пред судот тврдеа дека 350.000 евра, пронајдени зад плочки во ѕидот на нивната семејна куќа во Неготино, се нивна повеќедецениска заштеда. Обвинителството, пак, оцени дека нивните искази не се поткрепени со останатите докази изведени во постапката.
На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје најпрво сведочеше мајката на обвинетиот, Донка Ристова. Таа тврдеше дека парите ги собирале со децении од земјоделство, продажба на производи, штедење и располагање со семеен имот.
Според нејзиниот исказ, семејството произведувало и продавало бостан, дињи, пиперки, ореви, кајсии и други земјоделски производи. Заработените пари потоа ги менувале во девизи и ги чувале во куќата.
Ристова рече дека уште од 1975 година ги ставала заштедените пари во отвор зад една од плочките.
„Што ќе ми останеше некоја паричка, ќе отворев една плочка, како прозорче, и во фолија си ги ставав парите. Колку ќе имав, толку“, сведочеше таа.
Мајката на Ристов пред судот кажа дека во скривницата имало вкупно 350.000 евра. Од нив, според нејзиното сведочење, 250.000 евра биле во банкноти од 50 евра, додека преостанатите 100.000 евра биле во апоени од 100 и 500 евра.
Таа тврдеше дека за заштедата не знаеле ниту нејзините деца и дека парите ги чувале за „црни денови“ и за евентуално сместување во установа за стари лица.
Пред судот сведочеше и таткото на обвинетиот, Здравко Ристов, кој исто така тврдеше дека парите се негова и заштеда на неговата сопруга, стекната со долгогодишна работа.
„Сум се мачел 89 години со овие десет прсти. На кого да ги пријавам тие пари?“, рече Ристов, објаснувајќи дека не им верувал на банките и затоа дел од заштедата ја чувале во семејниот дом.
Тој изјави дека заработените средства ги менувал во менувачници, но дека за дел од трансакциите не добивал потврди. Според него, неговата сопруга била таа што ги ставала парите во скривницата.
Ристов беше соочен и со резултатите од биолошкото вештачење, според кои на пакувањата во кои биле пронајдени парите не биле утврдени траги од него или од неговата сопруга.
„Нема шанса“, одговори тој, останувајќи на тврдењето дека парите им припаѓаат на него и на сопругата.
Обвинителството претходно соопшти дека на дел од алуминиумските пакувања во кои биле завиткани парите биле пронајдени биолошки траги од обвинетиот Ѓоко Ристов. Одбраната ги оспорува наодите и останува на ставот дека средствата се сопственост на неговите родители.
По рочиштето, обвинителката Искра Хаџи Василева изјави дека исказите на родителите не наоѓаат поткрепа во останатите докази со кои располага Обвинителството.
Според обвинителската теза, начинот на кој биле спакувани и сокриени парите, резултатите од вештачењата и податоците од финансиската истрага не ја потврдуваат верзијата дека 350.000 евра претставуваат семејна заштеда стекната исклучиво од земјоделство.
Ѓоко Ристов е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот и за перење пари. Тој претходно пред судот се изјасни дека не се чувствува виновен за кривичните дела што му се ставаат на товар.
За тоа дали парите им припаѓаат на родителите или на обвинетиот судија, како што тврди Обвинителството, треба да одлучи судот по целосното изведување и оценување на доказите.

Македонски


