
Две пријателки кои патувале со лет од Париз за Скопје во договор со македонски моден креатор кој престојува во Франција се обиделе во државава да прошверцуваат 16 луксузни чанти од брендот Loewe со вкупна вредност од 3,1 милион денари (50.406 евра), соопшти Царинската управа.
Како што соопштија од Царината, кога слетале на меѓународниот аеродром во Скопје патничките се упатиле на зелениот канал со намера нелегално да ги пренесат чанти од луксузни брендови и да избегнат плаќање давачки кон државата во висина од 924.000 денари (15.024 евра). Царинските службеници ги застанале за детална контрола при што во куферите на една од патничките, инаку македонски државјанки, ги пронајдоа луксузните чанти.
Против неа е поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство Скопје поради сомнение дека сторила кривично дело криумчарење.