Skip to main content

Македонија не е на врвот по бројот на жртви во сообраќајни несреќи во споредба со земјите од регионот

Според податоците на Институтот за безбедност во сообраќајот, во Бугарија во 2024 година се случиле вкупно 7.159 сообраќајни несреќи, во кои загинале 479 лица, а 9.046 биле повредени. Со оглед на населението од околу 6,44 милиони жители, ова значи дека на еден милион жители загинале 74 лица во сообраќајни несреќи, пишува денеска БТА и се осврнува на состојбата во соседните земји.

Романија

Во Романија бројот на сообраќајни несреќи се намалил за 5,7 отсто, а бројот на загинати за 3,9 отсто во периодот од јануари до ноември 2024 година во однос на претходната година. Според податоците на романската полиција, во тие 11 месеци се случиле 3.862 тешки сообраќајни несреќи, при што загинале 1.333 лица, а 2.980 биле тешко повредени.

Од јануари до ноември, полицијата изрекла 1.790.503 санкции за сообраќајни прекршоци, од кои 662.608 биле за пречекорување на брзината. Романија во 2023 година била на второ место по број на смртни случаи во сообраќајот во регионот, со 81 загинат на милион жители.

Србија

Во Србија, бројот на сообраќајни несреќи во 2024 година благо се намалил, но бројот на загинати останал речиси ист – 501 лице или 75 загинати на еден милион жители. Вкупно се случиле 31.922 несреќи, со 18.807 повредени лица. Најчести причини за фаталните несреќи биле несоодветна брзина (44 отсто), губење контрола над возилото (14 отсто) и возење под дејство на алкохол (14 отсто).

Во февруари во Србија стапи во сила мерката за привремено одземање возила на возачи со најтешки прекршоци, при што досега се запленети 348 возила.

Македонија

Во Македонија, бројот на сообраќајни несреќи во последните години се зголемува. Во 2024 година се регистрирани 8.457 сообраќајни несреќи, при што загинале 142 лица (68 на еден милион жители). Бројот на загинати во последните години е во пораст: во 2021 загинале 116 лица, во 2022 – 124, а во 2023 – 127.

Најчести причини за несреќи се пречекорена брзина, одземање на предност, неправилно вртење, возење под дејство на алкохол и возење без возачка дозвола. Минатата година биле откриени 19.000 лица кои управувале возило без положен возачки испит. Најмногу несреќи се случуваат во Скопје.

Грција

Во Грција во 2024 година бројот на сообраќајни несреќи се зголемил за 3,9 отсто, достигнувајќи 11.293 несреќи. Бројот на загинати се зголемил за 6,2 отсто, со 654 загинати во 615 несреќи. Грција е меѓу земјите во ЕУ со најмногу жртви во сообраќајот – 61 загинат на еден милион жители, што е за 33 отсто над просекот на ЕУ.

Турција

Во Турција во 2024 година се случиле 623.148 сообраќајни несреќи, од кои 2.289 биле со смртни последици. Вкупно загинале 2.713 лица (32 на еден милион жители), а 388.644 биле повредени. Главни причини за несреќите биле пречекорување на брзината (105.783 случаи), непочитување предност (45.045) и несоодветно движење низ сообраќајните ленти (25.218).

Во однос на 2023 година, бројот на загинати во Турција е намален – тогаш имало 2.424 несреќи со смртни последици, во кои загинале 2.984 лица, наведува БТА.

Поврзани вести