
Полициски службеници од Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе постапка против шест лица, поради основано сомнение дека заеднички вршеле продолжено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници врз основа на обезбедени судски наредби, извршија претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово со цел целосно разоткривање на лицата и нивните активности кои траеле подолг временски период.
При претресите на неколку локации беа пронајдени околу 6 килограми амфетамин, но и повеќе таблети, пакувања со растителна материја, како и други предмети кои се предмет на вештачење по наредба на јавниот обвинител.
Предистражната постапка траеше неколку месеци, а дел од доказите беа обезбедени со примена на посебни истражни мерки.
Согласно обезбедените докази, постои сомнение дека тие заедно со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што претходно неовластено набавувале, држеле и продавале психотропна супстанца – амфетамин, кој е класифициран во Националната Листа II на контролирани психотропни супстанции, како и 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA)-психотропна супстанца, класифициран во Националната Листа I на контролирани психотропни супстанции.