
Во директен судир на две патнички возила попладнево околу 14:25 часот на експресниот пат Штип – Велес загинал 72-годишен маж, а 18-годишно момче е тешко повредено.
-Попладнево околу 14:25 часот во СВР Велес било пријавено дека на експресниот пат Штип-Велес се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген пасат“ со штипски регистарски ознаки, управувано од 72-годишниот М.Н. од Штип и патничко возило „фолксваген голф“ со струмички регистарски ознаки управувано од 18-годишниот М.Ј. од Струмица. од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот на возилото „пасат“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, информира Биљана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.
Таа соопшти дека возачот на возилото „голф” се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата во Велес. Увид врши јавен обвинител во содејство на екипа од СВР Велес.
Портпаролот на ЈЗУ Општа болница д-р Ванчо Граматов за МИА информира дека кај повреденото 18-годишно момче во болницата му биле направени сите рентген и томографски испитувања на глава и бил задржан кратко во болницата со констатирани лесни телесни повреди. Потенцира дека момчето било пуштено од болница на понатамошно домашно лекување.
Автомотосојузот на Македонија во вонреден извештај попладнево информираше дека сообраќајот на експресниот пат Штип – Велес е нормализиран во двата правца.