Skip to main content

Дојави за бомби во училишта во повеќе градови низ Македонија, по проверките, наставата продолжува

На службените мејлови на повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата, утрово добиени се дојави за поставени експлозивни направи, информираат од МВР.

Дојава за бомба, утрово имало во неколку училишта во Аеродром, Железара, како и училишта во Штип, Охрид и во Куманово.

Според соопштението на Општина Центар, утринава во ООУ „Киро Глигоров“ , ООУ „Димитар Миладинов“ и ООУ „ Гоце Делчев“ во Општина Центар биле добиени дојави за поставени експлозивни направи.

Веднаш по приемот на пријавите, полицијата излезе на терен и презеде мерки за безбедно евакуирање на учениците и вработените.

Во ООУ „Димитар Миладинов“ биле извршени детални антитерористички проверки, при што е утврдено дека станува збор за лажни дојави, па наставата продолжила редовно. Во ООУ „Киро Глигоров“, учениците беа навремено евакуирани, а наставата е прекината до завршување на целосниот увид. Во ООУ „Гоце Делчев“ каде денеска се прославува патронат и децата се ослободени од настава , во тек е полициска проверка.

Во Аеродром се проверувале повеќе училишта. Евакирани се „Александар Македонски“, „Лазо Ангеловски“ и уште најмалку четири други. Учениците од прва смена, по проверките се враќаат на настава, а втората смена, најверојатно ќе се одржи според распоредот.

Во речиси сите основни и средни училишта во Штип утринава има дојави за бомби по електронски пат. Учениците се евакуирани и има проверки на објектите од страна на полицијата. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека станува збор за лажни дојави на бомби.

-Наставата продолжува да тече, нормално пријавено е во сите релевантни институции, СВР-Штип се на терен во сите училишта да ги извршат своите потребни контролни мерки. Ве уверувам дека станува збор за сајберски напад, кој има цел да предизвика немир кај наставниците и учениците и прекин во наставата, вели Јорданов.

Во некои училишта, по извршените проверки од страна на МВР, наставата е продолжена.

МВР најави повеќе информации во текот на денот.

Поврзани вести