Skip to main content

Дисциплинска постапка за 11 вработени во СВР Велес за случајот со Росица Коцева

Одделот за внатрешна контрола при МВР изврши проверки за постапувањето на полициските службеници од СВР Велес.

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека по насока на министерот Панче Тошковски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изврши детални проверки во врска со постапувањето на Секторот за внатрешни работи Велес по сите настани кои биле пријавени од страна на жртвата Росица Коцева.

Како што посочија од МВР, во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која завршила со условна пресуда во судска постапка.

Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите. Врз основа на извршените проверки поднесен е предлог за поведување на дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените наоди писмено е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување во рамки на нивната надлежност, се вели во објавата на МВР.

Од таму посочија дека Министерството за внатрешни работи останува посветено на транспарентност, професионалност, отчетност и одговорност и во тој контекст ќе продолжи со унапредување на процедурите и отстранување на системските недостатоци за поголема ефикасност на полицијата во заштитата на граѓаните.

Поврзани вести