
Народната банка подготвува посебно решение за исплата на пензиите на речиси 3.500 пензионери што примаат пензија преку АЛТА банка АД Битола, а немаат платежни картички. Се разгледува можноста за еднократно подигнување до 20.000 денари преку шалтер, со цел да им се олесни пристапот до нивните средства. Истовремено, се бараат решенија и за компаниите што имаат средства во банката, а треба да ги исплатат платите и да ги намират обврските за даноци и придонеси. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во интервју за „Топ тема“ на ТВ „Телма“ – информира Народната банка.
Народната банка навремено реагираше со воведувањето привремена администрација во Алта банка АД Битола, како заштитна мерка со времетраење до три месеци, во согласност со законската регулатива. Тимот на Народната банка, којшто е присутен во Банката, континуирано ја следи состојбата и функционирањето на банкарските услуги, вклучително и на банкоматите. Посебно внимание се посветува на изнаоѓањето соодветни решенија за граѓаните коишто немаат платежни картички.
Од вкупно 11.500 пензионери коишто примаат пензија преку Банката, околу 3.500 немаат платежни картички. За нив подготвуваме посебно решение за исплата преку шалтер. Целта е да им овозможиме полесен пристап до нивните средства, а јавноста ќе биде информирана веднаш штом ќе бидат утврдени сите потребни детали – посочи гувернерот Славески.
Во оваа насока се разгледува и можноста, исклучиво за пензионерите без платежни картички, да се овозможи еднократно подигнување до 20.000 денари, со цел да се избегнат повеќекратни посети на шалтерите и да им се олесни располагањето со средствата.

Македонски




