Skip to main content
Саем за вработување во Прилеп

„Бехтел и Енка“ бара околу 1.200 работници за автопатот Прилеп-Битола и за Коридорот 8, платите се солидни

Во Прилеп од денеска е отворен саем за вработување на окоу 1.200 работници во „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатот Прилеп-Битола за коридорот 10, но и за автопатот од коридорот 8. Се бараат градежни инженери, геодети, оператори на градежни машини, квалификувана и неквалификувана работна рака, нагласи менаџерот во „Бехтел и Енка“, Еш Рао. 

Денешниот ден е посветен на можностите, можноста за жителите на Прилеп и на поширокиот Пелагониски Регион, но и можност за нашиот проект да привлече талентирани и посветени луѓе. Со напредувањето на изградбата на автопатот Прилеп-Битола растат и нашите потреби од работна сила. За оние кои ќе ни се придружат ова е и можност да работат со искусни домашни и меѓународни  професионалци и да добијат практична обука на работното место која ќе ја имаат и по изградбата на автопатите – рече Рао.

Досега во „Бехтел и Енка“ се вработени 1.800 лица, а за новите работни места се очекува голем интерес. Вработувањата се и за економски раст на Регионот и стекнување искуства на младите. 

Со забрзување на динамиката на изградба на автопатот Прилеп-Битола, се отвораат некаде околу 1.200 нови работни места, можност за вработување на околу 1.200 луѓе, што за целиот Пелагониски Регион претставува огромна можност. Огромна можност за многу луѓе да најдат работно место, но исто така и да стекнат искуства и знаења коишто е ретка прилика да се стекнат, затоа што не се гради секој ден автопат. Ќе ги прочитам и точно професиите: за градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лаборантски кадар, оператори на градежни машини, возачи, квалификувани и неквалификувани градежни работници. Двете компании, Бектел и Енка се на врвот кога ќе го видите просекот на исплатена месечна нето плата.

Имено, просек за 2025 година е 137.000 денари, а тие немаат плата под 60.000 денари. Што значи, зборуваме за исклучително добро платени работни места и затоа би сакал да ги мотивирам сите жители на Прилеп, но и на останатите општини, на Могила, на Новаци, на Росоман, на Кривогаштани, на Крушево, на Демир Хисар, на Ресен, на Битола, да аплицираат и да си го најдат своето работно место овдека, имајќи предвид дека во наредните три години ќе има доста интензивни активности – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој присуствуваше на Саемот за вработување во Прилеп.  

Директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајновски истакна дека е завршена околу 82 проценти од експропријацијата, првите 12 километри од автопатот Прилеп-Битола треба да бидат готови догодина, а проектот да биде готов во 2029 година.

Во 2027 година треба да бидат завршени околу 12 километри од автопатот „Прилеп-Битола“. Во 2028 година околу 16 километри треба да бидат завршени. Значи, околу 30 проценти од автопатот да бидат готови во 2027, околу 40 проценти во 2028 година и во 2029 година ќе останат околу 30 проценти од автопатот да се доизградат, односно околу 13 километри. Тоа е динамиката за изградбата на автопатот „Прилеп-Битола“ од околу 40 километри – изјави Трајаноски.

Саемот за вработување за интензивирањето на изградбата на автопатите ќе трае неколку дена. 

Поврзани вести